02/05/2024
Македонија

Спасовски по повод Денот на ЕБР: Секогаш и секаде припадниците на ЕБР демонстрираа силна професионална посветеност во зачувувањето на мирот и безбедноста на татковината

Вечерва, (23.08.2023) со Свечена церемонија пред Градскиот базен во Куманово беше одбележан 23.август – Денот на Единицата за брзо распоредување и 22 години од формирањето на оваа елитна единица при Министерството за внатрешни работи, во присуство на граѓаните на Куманово, највисокото раководство на МВР, министри, пратеници, претставници на државни институции и локалната самоуправа, раководството на Македонскиот Полициски Синдикат, како и претставници на семејства на загинати и починат припадници на ЕБР. Во рамки на одбележувањето на 22 години ЕБР, во кругот на СВР Куманово министерот Спасовски заедно со раководството на МВР го откри Спомен обележјето на осумте загинати припадници на македонската полиција кои ги положија животите во 2015 година, во вооружена престрелка со терористичка групација во кумановско „Диво насеље”, а во одбрана на Куманово и татковината. Исто така, од 09:30 до 12:30 часот граѓаните имаа можност да се уверат во концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ”, со поставена опрема на македонската полиција во Градскиот парк во Куманово.

Во своето обраќање на централната манифестација, министерот Спасовски истакна дека овој ден 23 август претставува датум од исклучителна важност и одлична можност да се направи рекапитулар за она што досега е направено и што се планира да се направи во контекст на реформирање и развој на македонската полиција. „Влегувајќи во третата деценија од своето постоење, Единицата за брзо распоредување, сите нејзини поранешни, но и сегашни припадници, низ секојдневното работење, демонстрираа силна посветеност и амбиција не само да ги следат зададените стратешки насоки за развој и унапредување на Единицата, туку и да ги надоградуваат своите професионални и стручни капацитети, со препознаена пожртвуваност, изразена преку бројните примери на успешно реализирани активности. Притоа, не штедејќи се себе си, а секогаш кога била доведена во прашање безбедноста на државата и институциите – ставајќи ги на ризик сопствените животи, како гаранти и чувари на безбедноста, спокојот и животот на сите наши граѓани”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање на централната манифестација по повод 22 години ЕБР. Спасовски се осврна на улогата и ангажманот на Единицата за брзо распоредување. „Преку успешната имплементација на базичните полициски принципи на работа како неселективност во пристапот и нулта толеранција за прекршителите на законите, водени од геслото „Секогаш и секаде“ по кое оваа Единица е препознатлива, но и со концептот на „Полицијата – сервис на граѓаните“, согласно законски предвидените надлежности – постигнавме многу во зацртаното устројување на полицијата во крајно професионална и функционално остручена и оспособена безбедносна институција.

Не можам, а да не ја подвлечам нивната стожерна улога во оперативната акција „Безбеден град“, каде сите ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, низ деноноќните активности, покажаа дека нема простор за ниту еден криминалец или криминална група да ги загрози мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија”, рече Спасовски, додавајќи дека, во контекст на севкупниот напредок на полицискиот систем како цел сама по себе, треба да се гледа и развојот и натамошните перспективи и на Единицата за брзо распоредување, особено затоа што тие се во првите редови на системското спротивставување, заштита и превенција. На крајот од своето обраќање министерот Спасовски на сите припадници на ЕБР им го честиташе Денот на формирањето на Единицата, со желби за здравје и натамошен успех, како на професионален, така и на личен план.

Командантот на Единицата за брзо распоредување, Вице Столески, во своето обраќање пред присутните даде свое видување за работата на Единицата. „Припадниците на ЕБР, кои се дел од Одделот за специјални полициски операции, се висококвалификувани и обучени за најтешките задачи. Тие се активираат секогаш и секаде каде што е потребно највисоко ниво на оперативна ефикасност. Подготвени во најкус можен рок да извршат задачи со висок ризик и со највисок степен на прецизност, свесни за фактот дека кога се активирани, не постои никој друг што би можел да дејствува освен нив. истакна командантот Столески. Притоа, тој ги поздрави семејствата на загинатите и починати припадници на Единицата за Брзо распоредување и им оддаде длабока почит во свое име и во име на припадниците на ЕБР, за жртвата која нивните најмили ја дадоа при извршување на работните задачи во Единицата – Единицата за брзо распоредување никогаш не ги заборава делата на своите херои. Споделувајќи ги спецификите за работата, командантот Столески се осврна и на условите за работа на Единицата.

„Благодарение на актуелното раководство на Министерството за внатрешни работи во изминатите неколку години, со нивната континуирана поддршка и разбирањето за нашите потреби и барања, Единицата за брзо распоредување во голем степен ги подобри условите за работа на своите припадници. Во текот на изминатата година, припадниците на ЕБР добија нов и квалитетен концепт на исхрана, се подобрија условите за спорт и физичка подготовка со нови и реконструирани игралишта, а извршена е и набавка на наменски возила за одржување на јавниот ред и мир, материјално -технички средства и електронски уреди за извршување на специфичните задачи. Од срце благодарам за досегашната поддршка и длабоко верувам дека и во иднина ќе наидеме на разбирање од страна на раководството во Министерството за нашите потреби за успешно справување со сите безбедносни предизвици, со заедничка цел – посигурен и побезбеден живот на сите наши граѓани”, нагласи командантот Столески на крајот од своето обраќање, при што уште еднаш ја истакна посветеноста кон земјата и пошироката заедница, за зачувување на мирот, безбедноста и сигурноста на сите граѓани, согласно мотото на ЕБР – Секогаш и секаде!

На свеченоста беа доделени и плакети од страна на командантот на единицата Вице Столески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за континуирана поддршка во напорите за унапредување и осовременување на капацитетите на Единицата.

Плакети добија Началникот на Одделот за специјални полициски операции г. Митко Даневски за развој и афирмација на Единицата, претседателот на Македонскиот полициски синдикат г. Марјан Кицев за успешна соработка и поддршка во подобрување на правата на припадниците во Единицата. Плакети за 20 години успешна работа во ЕБР добија Командантот Вице Столески, заменик командантот Тони Стојоски, Владимир Стефановски, Беким Кадри, Ивица Величковски, Артан Арифи, Далибор Ѓорѓевски, Лилјана Илиќ и Срѓан Ристовски. Плакета за најдобар припадник во Единицата за брзо распоредување за 2023 година доби Небојша Костоски. Воедно, беа доделени плакети за поддршка во проекти за подобрување на капацитетите на Единицата.

Во чест на Денот на Единицата за брзо Распоредување, свеченоста беше затворена со културно – уметничка точка во изведба на Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово.