29/04/2024
Македонија

Меѓународна научна конференција посветена на Националните малцинства, миграција и безбедност

Во период од 18-21. 09. 2023 година Државната секретарка во Министерството за внатрешни работи и Национална координаторка за борба против трговија со луѓе, г-ѓа Магдалена Несторовска присуствуваше на 27мата меѓународна научна конференција посветена на Националните малцинства, миграцијата и безбедноста Бриони – Хрватска.

На покана на Националниот координатор и Директор на Канцеларијата за човекови права и правата на националните малцинства на Владата на Република Хрватска г. Ален Тахири, м-р Несторовска заедно со Националните координатори од Босна и Херцеговина и Србија учествуваа во панел дискусија на тема Трговија со луѓе и (не)безбедност.

Државната секретарка своето обраќање го посвети на жртвите на трговија со луѓе на тема „Дали жртвите се невидливи или ние сме слепи?“ Во говорот ја претстави анализата и статистиката на откриените жртви на трговија со луѓе. Во делот на етничката припадност ја нотираше застапеноста на сите етнички групи, додека кај присилните бракови и присилното питачење посочи дека доминираат децата жртви од етничките заедници во РСМ.

Воедно истата истакна дека „ Трговијата со луѓе е скриен криминал кој често ги држи своите жртви невидливи за општеството. Сепак, за нас и за сите оние кои се вклучени во овој процес, од клучно значење е да ги препознаеме знаците и да бидеме внимателни за да помогнеме во спречување и решавање на овој проблем. Свеста, образованието и известувањето се суштински чекори во борбата против трговијата со луѓе.

Жртвите на трговија со луѓе може да бидат невидливи поради тајната природа на кривичното дело, но наша одговорност е да ги отвориме очите и да ја подигнеме свеста за ова прашање. Едуцирајќи се себеси и другите, можеме да работиме на ставање крај на трговијата со луѓе и обезбедување поддршка на нејзините жртви. Идентификувањето на жртвите на трговија со луѓе бара проактивност и мулти секторски пристап, внимателност и свесност, со што би можеле значително да придонесеме кон ранливите категории лица да бидат заштитени и потенцијалните жртви да бидат навремено идентификувани и спасени.“