01/05/2024
Македонија

МОН: Со широка поддршка продолжува реформата на основното образование

Реформата на основното образование ќе продолжи согласно предвидената динамика, затоа што ги дава очекуваните ефекти. Предизвици постојат и тие се надминуваат преку заеднички пристап, а во меѓувреме секоја добронамерна сугестија која би можела да го олесни спроведувањето и да ја подигне нејзината ефикасност и ефективност, е добредојдена.  

Ова беше констатирано на денешната средба помеѓу највисоките претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, како и претставници на СОНК кои се дел од наставничката фела од областа на географијата и засегнати во оваа трета фаза од спроведувањето на планот за реформирање на основното образование. 

На средбата беше потврдено дека реформата е добро конципирана и ќе продолжи да се спроведува со поддршка од сите засегнати страни, а почестите средби и дискусии можат да помогнат во надминувањето на предизвиците кои би можеле да се појават тековно. 

Од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири беше посочено дека ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа, ниту пак ќе добива помала плата поради интеграцијата на предмети која е предвидена со реформирањето. Секој просветен работник чиј предмет кој го предава се интегрира со други предмети од сродната наука, останува на своето работно место, ќе ја добива платата за полн фонд на часови, а дополнително заедно со СОНК ќе се изнајде и заедничко решение личните примања повторно, по трет пат во период од една година, да бидат значително зголемени. 

МОН ги повикува сите други општествени чинители, а особено оние со моќ за политичко влијание, да дадат свој придонес во заложбите за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем. Промените не може да се случат преку ноќ и со неосновани критики, туку напротив етапно и со конструктивно учество на сите засегнати страни и фактори.