26/04/2024
Македонија

МЗШВ: Распишани повеќе од 7 јавни огласи – 13.785 хектари земјоделско земјиште ставено на располагање на земјоделците

Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) распишаа седум јавни огласи за доделување под закуп на државно земјоделско земјиште до и над 3 хектари.

Преку овие седум јавни огласи на располагање на земјоделците и земјоделските стопанства се ставаат вкупно 13.785 хектари државно земјоделско земјиште распоредени низ целата територија на државата. Намената на огласите е обработка на житни култури, подигнување на долгогодишни насади и производство на сточна храна.

„Одговорно ги подготвуваме и креираме сите мерки за поддршка на земјоделците со цел стабилно и зголемено домашно производство. Не оставаме ниту една педа необработено земјоделско земјиште, а ова е само една од целите во донесениот Национален план за производство на храна во април годинава. Ги повикуваме земјоделците да ги следат јавните повици на МЗШВ и максимално да ја искористат секоја мерка која е ставена на располагање, како и понатаму активно да бидат вклучени во креирањето на земјоделските политики и мерки“, истакнуваат од Министерството.

За обработка на житни култури преку јавен оглас на располагање беа ставени 5.722 хектари државно земјоделско земјиште над 3 хектари распоредено во 14 региони низ државата. Овој оглас кај земјоделците предизвика до сега рекорден интерес и веќе се потпишани 258 договори за закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари.

На 30 јуни заврши рокот за аплицирање и на четирите јавни огласи за закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари распоредено во 31 регион низ државата со намена за подигнување на долгогодишни насади. Вкупната површина земјоделско земјиште која преку овие четири огласи се стави на располагање за земјоделците е 4.294 хектари.

Во тек се нови два јавни огласи, чиј рок истекува до 21 јули, за доделување под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари за подигнување на долгогодишни насади и за производство на сточна храна. Вкупната површина која со овие два јавни огласи се става на располагање изнесува 3.769 хектари.

„Како министерство правиме се за да обезбедиме доволно храна за сите. Оваа криза, со која се соочуваме, полесно можеме да ја поминеме само доколку сме обединети и доколку одговорно се однесуваме. Токму затоа МЗШВ целиот овој период инсистира и вложува напори целото домашно производство да заврши пред сѐ во домашните преработувачки и откупни центри“, информираат од МЗШВ.

Линкови од активните огласи: