28/04/2024
Македонија

Министерот Спасовски на Министерскиот форум на службите за внатрешна контрола од регионот во Софија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше обраќање на регионалниот министерски Форум во рамки на Мрежата за подобрување на регионалната соработка на Единиците за внатрешна безбедност (НЕРЦИСУ) што денеска и во наредните два дена се одржува во Софија, Република Бугарија, а во организација на бугарското министерство за внатрешни работи.

Говорејќи на темата “Зајакнување на регионалната соработка во борбата против корупцијата, со фокус на соработката меѓу министерствата одговорни за внатрешни работи во борбата против внатрешната корупција“, министерот Спасовски посочи дека македонското министерство за внатрешни работи вложува значителни ресурси во Одделот за внатрешна контрола, криминалистисчки истраги и професионални стандарди како организациона единици во рамките на полицијата надлежна за борба против корупцијата во сопствените редови.

“Заедничките проблеми со кои се соочуваат безбедносните служби од регионот како што се мигрантите, тероризмот, шверцот со оружје, артефакти, наркотици и слично наметнуваат потреба од заедничко дејствување, особено ако се има предвид дека овие недозволени активности во еден сегмент, за жал, се поддржани и од вработени во безбедносните служби“, потенцираше Спасовски, притоа нотирајќи дека градењето заемна доверба и механизми за регионална соработка помеѓу безбедносните служби од регионот ќе придонесе за зголемена ефикасност во спречувањето, откривањето и истражувањето на коруптивното однесување во полициските редови.

Спасовски рече дека Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ја поддржува секоја иницијатива која ќе придонесе кон зајакнување на соработката на службите за внатрешна контрола од регионот од државите вклучени во мрежата НЕРЦИСУ, дотолку повеќе што интегрираниот пристап во работата, размената на информации како и зајакнувањето на формите на оперативна соработка ќе резултираат со успешни операции на заедничките тимови.

“Формирањето на мрежата на НЕРЦИСУ е прв и важен чекор во оваа насока, кој во изминатите две години од формирањето се покажа како успешен процес за градење на меѓусебната комуникација помеѓу службите за внатрешна контрола од регионот“,рече, меѓу другото, министерот Спасовски.

Утре, на маргините од регионалниот министерски форум е предвидена и билатерална средба на министерот Спасовски со неговиот бугарски колега Младен Маринов.