28/04/2024
Македонија

Министерство за култура и ФИТР: Го штитиме македонскиот јазик преку дигитализација на над 5 милиони записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”

Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој започнуваат процес за забрзано дигитализирање на картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со цел да се оствари заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик.

Предизвикот е наменет за претпријатија кои можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие. Проектот треба да содржи пет поглавја во кои се опишуваат методологијата на работа, процесите, технологијата и компетенциите што ќе бидат ставени во функција за да се остварат целите на проектот.
 
Министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната прес-конференција во Владата истакна дека Министерството за култура започнува проект за соодветна и итна заштита т.е. дигитализација на над 5 милиони ливчиња.
 
„Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури“, појасни Стефоска. Таа додаде дека од 5-те милиони уникатни јазични записи, досега, за 9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. Како што рече Стефоска, тоа е премалку и пребавно и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал.

„Затоа, Владата ја поддржа потребата од итна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик“, рече Стефоска, која акцентираше дека дигитализацијата, како трајна заштита на нематеријалното културно наследство, е врвен приоритет.
„Должни сме да ги заштитиме нашата култура и богата историја и да го превенираме секој ризик по нив. Поради идните генерации“, додаде министерката за култура.
 
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, истакна дека оваа инвестиција е од специјално и навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик и топонимијата на Република Северна Македонија.
 
„За колку важен процес станува збор говори и податокот дека ќе се дигитализираат над 5 милиони оригинални записи на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се стари над 500 години. На овој начин ќе создадеме активна заштита на записите во изворна дигитална содржина, како и пасивна заштита од сите форми на ризици што можат да го оштетат или трајно да го уништат културното наследство”, рече Петров. Тој додаде дека е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, додека Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува со финансиски средства во износ од 5 милиони денари. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100% од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.

Апликантот треба да биде микро, мало или средно претпријатие, во согласност со Законот за трговски друштва, регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија, годишните приходи да не надминуваат 10 милиони евра во претходните две фискална години според финансиски извештаи и други.

Дел од активностите што ќе бидат одобрени за финансирање се: развој на решението и активности за тестирање, анализа на регулатива, комуникација со потенцијални учесници и други. Некои од трошоците што ќе бидат одобрени на проектите се бруто-плати за вработените кај водечкиот апликант, купување или изнајмување опрема и потрошни материјали во функција на проектот, под договорни услуги за истражување и развој и други.

Постапката, од приемот на пристигнатите апликации сѐ до селекцијата и донесувањето на конечна одлука за избор, се состои од неколку чекори: административна проверка; претселекција, односно прва оцена на предлог-проектот; пичинг, односно презентација на претселектираните предлог-проекти пред Комисијата за оценување и избор; финална селекција и последниот чекор е потпишување на договори. Комисијата за оценување и избор се состои од: двајца претставници на партнерските институции, двајца претставници од областа на предизвикот и еден претставник на Фондот.

Главните критериуми според кои ќе се врши оценување на предлог-проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.
На јавниот повик, компаниите можат да аплицираат најдоцна до 21.10.2021 година, до 14:00 часот, додека процесот на аплицирање и целата проектна документација се достапни на: https://fitr.mk/digitalmk/

Во прилог интегралното обраќање на министерката за култура Ирена Стефоска.


Често зборуваме за патриотизмот. Но, ретко кој, кога зборува за патриотизмот помислува, на, со децении заборавените Картотеки во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков.“
Ако сме согласни дека македонскиот јазик е клучот за културниот идентитет и за неговото изразување, тогаш неговото зачувување би требало да биде врвен приоритет.
Министерството за култура започнува проект за соодветна и итна заштита  т.е. дигитализација на повеќе од 5 милиони ливчиња. Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен, од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури.
Кон заштитата на ова непроценливо културно наследство, коешто, се уште, се чува во картонски кутии, со свои средства и логистика се придружува и Фондот за иновации и технолошки развој. Сакаме и мораме да ги сочуваме овие јазични записи за следните поколенија кои растат во екот на дигиталната ера, за тие да бидат достапни, не само за очите и за духот на истражувачите на јазикот, не само за лингвистите и студентите по филологија, туку за сите оние кои ја негуваат љубовта за својот и за туѓите јазици, затоа што, како што се знае: „колку јазици познаваш – толку луѓе вредиш“, затоа што, јазиците се цели универзуми и од нив зависи нашето постоење.
Во Картотеките има:

  • Стотици илјади зборови од стари ракописи пишувани со векови во македонските цркви и манастири;
  • Потоа неколку милиони ливчиња со зборови коишто се користат во секојдневното зборување на македонскиот народ односно дијалекти карактеристични за над 400 населени места; 
  • Стотици илјади ливчиња со запишани имиња, презимиња и прекари на Македонците, како и имиња  на населени или ненаселени места – топоними;
  • Милиони ливчиња со прекрасни македонски зборови од стандардниот и од народниот јазик, кои имаат едно или повеќе значења;

Сите овие записи се испишани рачно, низ разговор со типични репрезенти-говорители на македонскиот јазик во текот на шест децении наназад, насекаде каде што се зборува македонски.
Ако собраниот материјал не се сочува и искористи правовремено,  тој повеќе нема да ја отсликува реалната ситуација на теренот. Со тоа може да се заборави, да се изгуби исклучително значајно лексичко богатство на македонскиот јазик од одреден временски период.
Од повеќе, од 5-те милиони уникатни јазични записи,  досега,  за  9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња! Премалку и пребавно. Ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат без малку уште  400 години за да се дигитализира само овој скапоцен материјал. 
Затоа, Владата ја поддржа потребата од итна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик.
Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој со 14 милиони денари го започнуваат процесот за забрзано дигитализирање, со цел да се сочуваат и заштитат јазичните записи коишто имаат историска и научна важност и истите да им бидат достапни на истражувачите во земјата и во странство, во современа и безбедна форма.
Само 1.000 од 7.000 мајчини јазици во светот се поддржани онлајн. Глобалната јазична дигитализација ќе ни овозможи да градиме нови мостови, да се поврземе со поголемите јазични заедници и повторно, да ги обогатиме и ние, нив, со ова наше азно – но сега во дигиталниот свет.
Впрочем, дигитализацијата како трајна заштита на нематеријалното културно наследство е наш врвен приоритет. Должни сме да ги заштитиме нашата култура и богата историја и да го превенираме секој ризик по нив. Заради идните генерации.