27/04/2024
Македонија

Поради големиот број на апликации Министерството за економија гo затвара огласот за доделување на ваучери за туризам за работници со ниски приходи

Поради големиот број на пристигнати апликации, Министерството за економија донесе одлука, заклучно со крајот на вчерашниот ден 16.02.2024 година до 15.30 часот, да го затвори  Јавниот повик за организирање на одмор за работници со ниски приходи за 2024 година. 

Јавниот повик беше објавен на 12 февруари на веб-страната на Министерството за економија и во два печатени медиуми, а крајниот рок за  аплицирање за овој оглас е 29 февруари 2024 година. 

Заклучно со денешниот ден, за пет дена од објавување на огласот во Архивата на Министерството за економија и по пошта пристигнати се над 3.600 апликации. 

Се очекува оваа бројка на апликации дополнително да се зголеми со барањата кои ќе пристигнат по пошта во наредните денови. 

За оваа мерка од Буџетот на Министерството за економија се обезбедени средства во износ од 64.000.000 денари (околу еден милион евра) од кои е предвидено да се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери заодмор за работници со ниски приходи. 

Согласно Јавниот повик, се доделува потврда-ваучер од 18.000 денари за сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари, кои ќе аплицираат за оваа мерка по принципот „прв дојден-прв услужен“ и во прилог на барањето да имаат комплетна документација согласно јавниот повик.