02/05/2024
Македонија

Работна посета на претседателот Пендаровски на Република Албанија

Претседателот Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, на покана на албанскиот претседател Бајрам Бегај, денеска оствари работна посета на Република Албанија, при што ги посети општините Пустец и Подградец.

Во Глобочeни, близу Пустец, претседателот Пендаровски и претседателот Бегај го посетија Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе. Во музејските простории, претседателите Пендаровски и Бегај и делегациите на двете земји остварија пленарна средба.

На средбата беше изразено задоволство од традиционалното пријателство и засилената соработка меѓу двете земји, како и уверување дека меѓусебната поддршка и размената на искуства ќе продолжат и во иднина со цел постигнување на стратешките цели и целосна интеграција на двете држави во Европската Унија.

Во таа насока, беше посочено дека отворањето на пристапните преговори, отвори и нови перспективи и можности за двете земји, кои бараат поголема посветеност и преземање на сериозни реформски процеси. Воедно беше истакнато дека двете држави треба да се фокусираат на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на економската соработка, на ефикасно справување со ризиците од катастрофи и климатски промени, како и на предизвиците што ги носат безбедносните прашања.

Во Пустец, претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска го посетија комбинираното основно и средно училиште „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ и библиотеката на отворено каде беа изложени книги на македонски и албански јазик.

Во изјава за медиумите, претседателот Пендаровски посочи дека овде е концентриран најголем број на Македонци на подрачјето на Албанија и дека жителите на Пустец и учениците имаат одлични услови за образование и настава на мајчин јазик. Заблагодарувајќи се за поканата од претседателот Бегај, претседателот Пендаровски посочи дека оваа пријателска посета е со цел да покажеме дека нашите малцинства кои живеат во други држави ги имаат истите услови за живот, како во своите матични држави. „Значи она што Албанците го имаат во Македонија, да го имаат и го имаат и Македонците што живеат во Албанија и обратно“,  рече претседателот Пендаровски, додавајќи дека двете држави во однос на грижата за националните малцинства можат да бидат пример за сите.

За време на посетата на училиштето беа донирани и книги на македонски јазик од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и др.

Во Пустец,  претседателот Пендаровски оствари средба со претставници на Здружението на Македонците од Албанија – СОНЦЕ, со коишто разменија мислења за нивните активности, заложби како и за можностите за унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија.

Претседателите Пендаровски и Бегај ги посетија и црквите „Свети Архангел Михаил“ и „Пресвета Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското езеро.

За време на посетата на Република Албанија, претседателот Пендаровски оствари средби и со локалните власти и градоначалниците на општините Пустец и Подградец, Пали Колефски и Илир Џаколи.