26/04/2024
Македонија

Регионалната соработка за спречување на насилниот екстремизам е повеќе од потребна

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, оствари средба со амбасадорот на Република Хрватска во Република Северна Македонија Нивес Тигањ.

На средбата се разговараше за актуелните теми од областа на насилниот екстремизам и борбата против тероризам, во насока дека овие прашања го засегаат поширокиот регион и дека регионалната соработка е повеќе од потребна за успешно справување со актуелните предизвици.

Двајцата соговорници се согласија дека е потребна поголема соработка во делот на размена на знаењата и искуствата кои ги имаат двете земји во оваа област, особено Република Хрватска како членка на Европската Унија.

На средбата се оцени потребата од поблиска соработка помеѓу безбедносно-разузнавачките служби од двете земји во областа на организираниот криминал, заштитата на критичната инфраструктура и борбата против тероризмот, посебно во следење на активностите за ширење на радикална идеологија.