29/04/2024
Македонија

Сите пријавени македонски државјани се евакуирани од Израел со чартер лет обезбеден од страна на Владата

Со чартер летот организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, на релација Тел Авив – Скопје, во текот на вчерашниот ден, успешно се евакуирани сите преостанати државјани на Република Северна Македонија кои побарале помош да го напуштат Израел, и да се вратат во земјата.

Финансиските трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани, согласно владина одлука, се покриени од резерви на Буџетот на Република Северна Македонија.

Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со „Air Serbia“, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид  дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија.

На иницијатива на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, се изнајде решение на предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот. Со вчерашниот лет, кој беше организиран и платен од Владата на Република Северна Македонија, покрај тоа што во Скопје долетаа преостанатите 67 наши државјани кои побараа помош, со истиот лет, Владата на Република Северна Македонија излезе во пресрет и обезбеди трансфер на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.

Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата на повеќе начини, меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија внимателно ги следи случувањата во Израел преку Министерството за надворешни работи, кое што е во редовен контакт со македонската Амбасада во Тел Авив.