02/05/2024
Македонија

Спасовски за Одделот за воздухопловни единици: Столб на државата во спасувачки мисии и заштита од пожари

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вчерашниот дневник на МТВ, во прилогот кој беше дел од рубриката „Тема на денот“, посветена на Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи, зборуваше за ефикасноста на хеликоптерите Бел-412 и Бел-212, како и Бел-206, оспособени за гаснење на пожари, кои се дел од Хеликоптерската единица при МВР.

„Денеска се наоѓаме во Одделот за воздухопловни единици во Идризово каде се наоѓа и Хеликоптерската единица за полициски намени и ова е практично базата на овој Оддел. Од тука оперира целиот наш персонал, пилоти и сите коишто работат на овој Оддел. Ова е исклучително важна единица за државата, за безбедноста, заради тоа што сите активности практично што ги спроведуваме за зголемување на безбедноста во делот на заштитата и спасувањето, тоа го прават нашите пилоти и навистина сум горд на тоа што оваа единица опстојува и се развива 54 години”, истакна министерот Спасовски. Притоа, тој сподели податоци за инвестициите направени во Одделот од страна на раковдството на МВР во изминатите неколку години.

„Ние направивме целосна реконструкција на зградава којашто беше многу години несредена и нереконструирана. Набавивме опрема којашто е потребна за пилотите и за другиот технички персонал којшто работи во Единицата, исто така, ненабавена повеќе години. И најважно од сѐ, направивме сериозен напредок во однос на ремонтирање или сервис на постојните воздухоплови. Ако 2015 имавме само еден воздухоплов кој беше во пловна состојба, денеска сите воздухоплови се во пловна состојба. Извршен е детален сервис на сите нив за да можат да бидат во добра состојба при летењето, да бидат функционални, бидејќи тоа е смислата на постоењето. Многу е важно што оваа Единица се користи во сите прилики каде што има потреба од брза интервенција, брза реакција, дали е тоа во спасување на човечки животи, во пожари, за полициски намени кога е потребно, а во последно време ја користиме и за масовна сеча на шуми, што е новост во работењето, меѓутоа дава исклучително важни резултати”, посочи министерот Спасовски, изразувајќи ја гордоста што се зголемени и човечките капацитети на овој Оддел со вработување на нови професионалци во делот на пилоти и технички пероснал.

„Порано бевме единица која беше зависна од други институции, да ни помагаат во одржувањето, сега ние сме институција која дава помош на други институции. За првпат се набави опрема и се изврши обука на летечкиот персонал за гаснење пожари и тоа го направивме на три хеликоптери на најсовремен начин. Оваа единица и тој летечки персонал станаа столб на заштитата од пожарите”, рече министерот Спасовски.

Спасовски во оваа прилика потсети и за Договорот со МВР на Република Словенија, за обезбедување на медицинска опрема за хеликоптерите.

„Пред извесно време заедно со началникот на Одделот бевме во Словенија каде потпишавме договор и обезбедуваме целосна медицинска опрема која ќе се монтира во еден од овие воздухоплови со кои ќе може да пренесуваме лица до Скопје и од Скопје во другите медицински центри, што е исклучително важно и е за првпат од постоењето на Единицата до денеска. Сакаме да покажаме дека навистина постои капацитет и тој капацитет го ставаме единствено во функција на граѓаните и државата. Напоменав дека пред извесно време започнавме со низа активности кои значат не само превенција, во делот на миграција, заштита на границите, меѓутоа и превенција од пустошење шуми – што даваат резултати. Скоро секојдневно наоѓаме луѓе кои постапуваат противправно во сеча на шумски фонд и тоа ќе го продолжиме со несмален интензитет”, потенцираше министерот Спасовски, оддавајќи признание на припадниците на овој Оддел.

„Сакам да им оддадам исклучително признание на началникот и сите пилоти и вработени во овој Оддел, за нивната пожртвуваност и посветеност кога станува збор за државата и граѓаните. За нив нема работно време, нема ‘можам’ или ‘не можам’, едноставно секогаш се ставаат во функција на државата и граѓаните. Секогаш кога имаме тешки, сложени состојби, за нас можеби нерешливи, тука се заедно со специјалните единици на МВР да ги завршат и најтешките и најсложените задачи”, подвлече министерот Спасовски.