27/04/2024
Македонија

Спасовски: Инструментот за претпристапна помош на ЕУ обезбеди значајна поддршка во спроведување на реформските процеси

 Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше на 4-тиот состанок на Секторскиот мониторинг комитет за областа „Владеење на правото и фундаментални права“, кој се одржа онлајн, поради моменталната состојба со ковид-19. Покрај министерот Спасовски, на овој состанок како претставник од МВР учествуваше и ИПА Координаторот во рамките на министерството, Маја Цветковска.

Целта на овој состанок беше следење на имплементацијата на препораките од последниот состанок на Секторскиот мониторинг комитет, како и дискусија за можните предизвици и начините на кои истите би се надминале.

Со состанокот претседаваа Никола Димитров, заменик претседател на Владата за европски прашања и Никола Бертолини, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ. На овој состанок свој придонес даде и министерот за правда Бојан Маричиќ.

Во своето обраќање пред присутните министерот Спасовски истакна дека една од причините за успехот постигнат во последните неколку години е токму постојаната помош која ја добиваме преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија. Преку овој инструмент Министерството за внатрешни работи, како еден од најголемите корисници на ИПА фондовите, овозможи реализација на многубројни проекти, со што се обезбеди значителна поддршка во спроведување на реформските процеси, како и голема материјална поддршка, со што видливо се подобрија човечките, техничките и инфраструктурните капацитети неопходни за ефикасно работење.

Министерот Спасовски во своето излагање додаде дека сето ова не би било возможно без поддршката од страна на претставниците на Делегацијата на Европската Унија и изрази благодарност за континуираните напори и помошта што Европската Унија ѝ ја дава на Република Северна Македонија, а во тој контекст и на Министерството за внатрешни работи.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски изрази уверување дека Министерството за внатрешни работи ги има преземено сите неопходни мерки и интензивно работи на прашањата од своја надлежност, со цел успешна имплементација на националните ИПА програми.