02/05/2024
Македонија

Спасовски од Крушево: Ролер ски купот „Тоше Проески“ го зазема своето место како манифестација од големо спортско значење

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска беше во посета на Крушево каде се обрати на отворањето на спортската манифестација Ролер ски куп „Тоше Проески“.

Премиерот Спасовски изрази посебна чест што и оваа година е дел од манифестацијата Ролер ски куп „Тоше Проески“, којашто со право прерасна во традиционален спортски настан.

„Оваа година ниту пандемијата со КОВИД-19 не го спречи овој настан. Претставници од повеќе земји пристигнаа во прекрасното Крушево за да ги манифестираат и слават спортските вредности и да и пркосат на заканата по здравјето со афирмација на здравиот спортски живот и навики. Веќе нема сомневање дека овој спортски настан расте од година во година. Го зазема своето место како манифестација од големо спортско значење. Ролер ски купот „Тоше Проески“, како релативно нова спортска дисциплина, го зацврстува своето место во меѓународните спортски манифестации и календари“, истакна премиерот Спасовски.

Тој потенцираше дека Агенцијата за млади и спорт заедно со Скијачката федерација и со сесрдната поддршка на Општината и организацискиот одбор, за многу краток период успеаа да го издигнат ФИС Ролер ски куп „Тоше Проески“ на ниво на останатите меѓународни манифестации во регионот.  

„Предноста на овие натпревари е дека резултатите се бодуваат исто како и на зимските натпревари, така што на овие натпревари нашите натпреварувачи и сите учесници добиваат бодови за крајната ФИС листа за бодување и пласман на зимските олимписки игри. Честа што ми е укажана вечерва е дополнително поголема од фактот што овој ФИС ролер ски куп го носи името на нашата најсјајна музичка ѕвезда, нашиот Тоше Проески. Оваа манифестација секоја година не собира во спомен домот на нашиот Тоше, со што овој спортски настан се облагородува од сеќавањата на неизмерниот талент и човечки вредности што Тоше Проески им ги подаруваше на сите нас“, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој го прогласи овогодинешниот Ролер ски куп „Тоше Проески“ за отворен, посака натпреварите да течат во најдобар спортски дух, а на организаторите и на Општина Крушево уште еднаш им честиташе за успешната реализација на оваа спортска манифестација.

Пред отворањето, премиерот Спасовски, заедно со градоналникот на Општина Крушево, Томе Христоски и градоначалникот на Општина Кривогаштани, Рубинчо Шефтеровски положија свежо цвеќе на гробното место на Тоше Проески.