28/04/2024
Македонија

Средба со претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 Декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.

Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации изразија благодарност за досегашната поддршка од претседателот Иванов, како и за можноста преку ваквите редовни средби, да го информираат за положбата на лицата со инвалидност, за актуелните предизвици со коишто тие се соочуваат, како и за постигнатите резултати во однос на имплементирањето на меѓународните норми и стандарди од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.

Соговорниците го запознаа претседателот Иванов и со тековните активности по повод „3-ти Декември”  Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, кој се одбележува со цел да го промовира разбирањето на предизвиците на инвалидноста, како и да ја подигне свеста кај граѓаните и институциите за остварување на правата и подобрување на положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија.

Македонскиот претседател истакна дека како и досега, така и во иднина ќе продолжи да ги поддржува активностите на Националниот сојуз, порачувајќи дека е неопходнa континуиранa заложба за афирмирање на нивните потреби и права, со цел решавање на приоритетните барања на инвалидските организации во Република Македонија.

На средбата присуствуваа претставници на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака,   Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија – Македонски параолимписки комитет, како и на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.