27/04/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.

Почитувани припадници на бошњачката етничка заедница,

Нека ни е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.

Во нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија, деценија и половина со гордост се празнува овој значаен ден како симбол на богатата историја и култура, обичаи и фолклор на припадниците на бошњачкиот етникум. Токму со своите специфики и светоглед, Бошњаците заземаат особено место во сите општествени текови во нашата татковина, но и во целиот балкански регион, збогатувајќи го бесценетиот мозаик од различни култури и традиции.

Драги сограѓани Бошњаци,

Благодарение на вашиот и на придонесот на сите останати етнички заедници, Република Северна Македонија може да се пофали дека е пример за функционално мултиетничко општество. Нека нашиот соживот, заедништвото и почитта бидат влог во градењето на стабилна, просперитетна и економски развиена држава. Сплотени да ги надминеме сите здравствени, економски и политички закани кои се надвиснуваат врз нашата татковина и врз нас како индивидуи. Да ги премостиме сите пречки и да ги надминеме сите искушенија, стремејќи се кон подобра и посветла иднина.

Дозволете, уште еднаш, да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците и да ви посакам добро здравје, радост, среќа и бериќет.

Стево Пендаровски