20/04/2024
Охрид

11 издание на културно-забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца

Утре со изложба на слики од уметникот Мајкл Клос од Канада и настапот на бендот „8balls“ во Трпејца на свечен начин ќе започне 11 –то културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Во името на покровителот Општина Охрид манифестацијата за отворена се очекува да ја прогласи советникот Перчо Божиноски, кој воедно е и претседател на општинската Комисијата за празници и манифестации.

Според најавите од 20 до 28 јули организаторот Здружението „За Трпејца со љубов“ ќе понуди низа интересни содржини со кои ќе го привлече вниманието на гостите и домаќините кои летуваат во Трпејца.

Во четврток на летната сцена под ведро небо ќе настапат: Младите од Црвен крст Охрид со поетскомузичкиот перформанс „Треба да бидеме подобри“.

Следниот ден е резервиран за поетесите – сестрите Вера М Самарјанин, Марика Тапанџиева кои во јавноста се познати и по своите хуманитарни дела а со нив ќе настапи и познатиот пејач Драган Мијалковски.

Во сабота, стандардниот термин од 20:30 часот ќе биде резервиран за младиот Петар Симоноски кој ќе има своја видео презентација на тема „Трпејца низ вековите“ а негов гостин ќе биде неговиот пријател и гитарист Горан Кичеец. Истата вечер во Трпејца во соработка со Кинотека на Република Северна Македонија ќе биде прикажан култниот македонски филм „Мирно лето“ во режија Димитрија Османли.

Неделата е резервирана за традиционалната Кајакарска регата „Номче Митрески“ и натпреварот во пливање а вечерта мини концерт ќе одржи дуото „Black Moon“ од Охрид.

Следната вечер ќе започне со ново содржина наменета за забава на гостите трката со куфери по скалинадата во Трпејца. За тројцата најбрзи ќе има интересни награди , најавуваат организаторите. Таа вечер не очекува запознавањето со „Богатството на Охридското Езеро“ во соработка со ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“ од Охрид а ќе следи и концерт на класична музика насловен „Млади надежи“.

Во вторник, на 26 јули најмладите преку цртежи ќе го овековечат зајдисонцето во Трпејца а следната вечер нивните трудови ќе бидат и претставени пред гледачите. По традиција ќе биде поставена и изложба на дела од минатогодишната четврта Уметничка колонија која секој септември се одржува во Трпејца, ќе настапи танчерската група „Dancin Angelsа вечерта ќе биде заокружена со гостувањето на д-р Анис Сефиданис кој ќе се обиде гледачите на популарен и интерактивен начин да ги воведе во светот на компјутерите и роботиката.

Претпоследната вечер од годинашното единаесетто „На зајдисонце“ е резервирана за видео – изложбата на фотографии направени со мобилен „Трпејца низ објективот на туристите“ и настапот на Пејачката група и оркестар на ансамблот „Ѓердан од бисери“ од Охрид.

Културно – забавното лето следниот ден ја носи традиционалната прошетка по патеката Чоколско, а ќе биде заокружено со Вечерта посветана на познатиот македонски хармоникаш и композитор д-р Гоце Џуклески. Покрај него публиката таа вечер ќе може да ужива во настапот на неговите пријатели од Градскиот хор Vox Lychnidos и пејачот Мирко Вретовски.


WebOhrid / 19.07.2022 / Здружение „За Трпејца со љубов“