05/03/2024
Охрид

127 години од смртта на Григор Прличев

Григор Ставрев Прличев е роден во Охрид, во сиромашно семејство. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му. Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.

1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил, но тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.

Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер (1860). Во наградата спаѓало и студирање во Берлин или Оксфорд, но таа награда можел да ја добие само ако се откаже од се словенско во него – и тој ја одбил.

Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некоја случајност, конкурсот не се одржал.

Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затварањето на Димитрија). Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина. Тоа било причина тој да биде прогонуван, па и затваран (во дебарскиот затвор).

Во 1871 година го објавил препевот на „Илијадата“, но бил жестоко искритикуван, па дури и исмеан од бугарската критика. Причината била тоа што тој пишувал на општословенски, а не на бугарски литературен јазик. Тој се занесувал со идејата да направи општословенски јазик – комбинација од словенските јазици, кој ќе го користат сите Словени (словенски есперанто). За жал, таа идеја не била прифатена и реално била неизводлива. Разочаран, се повлекол во Солун каде ја напишал „Автобиографијата“. Во нашата литература ова е прво дело од ваков тип, напишано во проза.

Последните години од својот живот ги поминал во родниот град Охрид, речиси сосема осамен и разочаран.

Григор Прличев починал во Охрид, на 6 февруари 1893 година.