28/04/2024
МакедонијаСпорт

Агенцијата за млади и спорт и НМСМ ја доделија наградата за младинско учество

 Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија – НМСМ ја доделија овогодинешната Награда за младинско учество, која традиционално се доделува по повод Меѓународниот ден на младите. Официјалната церемонија на врачување на наградите се одржа вчера, во Градскиот парк во Скопје.

Наградата се доделува седма година по ред, во три категории, со цел да се препознае и валоризира трудот на младите и младинските организации при адресирање на различни општествени прашања.

Годинешните добитници на наградата се новинарот Гоше Николов во индивидуалната категорија, Училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во категоријата неформални групи и Здружението на граѓани „Младите можат“ во категоријата младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Добитниците беа наградени и со финансиска поддршка, која ќе им помогне во унапредување на нивната работа и активизам.

Наградата во трите категории ја врачија Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт и Филип Кулаков, Програмски менаџер во Националниот младински совет на Македонија – НМСМ.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Мојсовски, ги поздрави сите присутни и испрати своја честитка за Меѓународниот ден на младите.

„Дозволете денес да ја искористам приликата да го честитам Меѓународниот ден на младите и нека ова биде потсетник дека и останатите 364 дена работиме за младите, им даваме шанса на младите и ве охрабруваме да бидете гласни, да ние институциите го слушнеме вашиот глас, да сте слободни во тоа што го правите и преку креативниот порив заедно да изградиме прогресивно општество по ваша мерка“, порача Мојсовски.

Филип Кулаков од НМСМ, во своето обраќање ја истакна важноста на наградата за младинско учество.

„Оваа награда ја доделуваме седма година по ред, на младите, индивидуално или организирани во неформални групи или организации, кои несебично се вложиле да дадат решенија на проблеми кои сами ги идентификувале во сопствените заедници. Партнерството помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија претставува позитивен пример за тоа како соработката помеѓу институциите и младинските организации придонесува кон поголема вклученост на младите и младинскиот сектор во процесите на креирање политики и донесување одлуки на сите нивоа. Им честитаме на добитниците и се надеваме дека Наградата за младинско учество ќе претставува дополнителна мотивација тие да продолжат со своите активности кон подобрување на состојбата на младите во државата“, истакна Кулаков.

Наградата за младинско учество ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија – НМСМ. Процесот за доделување на наградите започна со јавна номинација на кандидати, од кои стручна комисија избра потесен круг на кандидати во секоја категорија, а добитниците беа избрани преку јавно онлајн гласање.


WebOhrid / 12.08.2023 /  Национален младински совет на Македонија