11/10/2024
Македонија

Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 6. Глобален Баку форум

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на 6. Глобален Баку форум, оствари средби со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев, со претседателот на Република Молдавија г. Игор Додон и со премиерот на Република Турција г. Бинали Јилдирим.

На средбата со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев се разговараше за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан со акцент на искористување на економскиот потенцијал. Заедничка констатација на претседателот Иванов и на претседателот Алијев беше дека односите меѓу двете држави кои ги карактеризира пријателство, континуиран дијалог и разбирање, е потребно да се прошират во конкретни области од взаемен интерес. Претседателот Иванов изрази задоволство од континуираниот политички дијалог и од средбите на највисоко ниво, истакнувајќи дека е неопходно нивно ефектуирање во сферата на економската соработка. Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија се залага за зголемување на трговската размена преку конкретни можности за развивање на соработката и стои на располагање за влез на азербејџански директни инвестиции во македонското стопанство, преку гасоводни и енергетски проекти. За таа цел, нагласи претседателот Иванов, е неопходно и интензивирање на контактите меѓу владините претставници и бизнис заедниците од двете држави.

02._Dodon

На средбата со молдавскиот претседател г. Игор Додон, се разменија мислења за севкупните односи меѓу Македонија и Молдавија и за актуелните состојби и предизвици во регионот на Југоисточна Европа. Претседателот Иванов истакна дека постојат бројни потенцијали за соработка, кои со заеднички ангажман треба да се искористат, со цел зголемување на економската соработка и целосно искористување на економските можности на двете земји. Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу Република Македонија и Република Молдавија ги карактеризираат меѓусебно пријателство и почит.

03._Yldrm
На средбата со премиерот на Република Турција г. Бинали Јилдирим, македонскиот претседател се заблагодари за гостопримството укажано за време на официјалната посета на Република Турција и изрази благодарност за принципиелната поддршка за употреба на уставното име на Република Македонија и членство на Македонија во НАТО. „Покана за членство на Македонија во НАТО ќе придонесе за долгорочната стабилност и безбедност на регионот”, порача претседателот Иванов. Премиерот Јилдирим истакна дека е придобивка за Турција што има голем пријател како Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи силно да ја поддржува Македонија на нашиот евроатлантски пат, особено пред претстојниот самит на НАТО во јули. Двајцата соговорници изразија поддршка за понатамошно засилување на економската соработка, преку зголемувањето на инвестициите и соработката меѓу бизнис заедниците на двете земји.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Азербејџан, по повод неговото учество на 6. Глобален Баку форум, што се одржува во организација на меѓународниот центар „Низами Ганџави”. Годинашната тема на Глобалниот Баку форум е „Премостување на разликите за создавање на инклузивни општества”.