18/04/2024
Македонија

Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 73. Генерално Собрание на ОН

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера во Њујорк присуствуваше на отворањето на генералната дебата на 73. Генерално собрание на Обединетите Нации, кое годинава е на тема: „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите луѓе: Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества”.

Во рамки на учеството на Генералното Собрание на ОН, македонскиот претседател одржа и билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.

На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори беа разменети мислења за севкупните билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Јордан, при што беше заемно констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања.

Претседателот Иванов посочи на интересот на Република Македонија за натамошно унапредување на билатералните контакти со средби на повисоко ниво, како и потребата од реализирање почести контакти и размена на делегации од двете земји на различни нивоа.

На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија со внимание ги следи настаните во регионот и ги поддржува напорите за постигнување на траен мир на Блискиот Исток.

Двајцата соговорници разменија мислења и за внатрешно-политичките состојби и регионалните состојби и приоритети на двете земји.

Претседателот Иванов го истакна интересот на Република Македонија за унапредување на економската соработка и проширување на обемот на трговската размена во сите полиња, за што, како што беше посочено на средбата, е потребна институционална поддршка од двете страни за воспоставување контакти и размена на информации меѓу бизнис секторот.

На средбата двајцата соговорници изразија подготвеност за натамошна соработка и поддршка на мултилатерален план.

vornokov1На средбата со потсекретарот Воронков беа разменети мислења и информации за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам, постојаните и директни закани од терористичките мрежи.

Претседателот Иванов на средбата го пренесе интересот на Република Македонија за учество на цивилен и воен персонал во телата на Обединетите Нации кои креираат политики за справување со глобалните закани.

Потсекретарот Воронков се заблагодари за учеството на Република Македонија за придонесот во сеопфатната стратегија за борба против тероризам и борба против насилен екстремизам потенцирајќи дека во нареден период ќе предложи соодветен пакет за институционално зајакнување на државите од Балканот и учество во проекти за поголема безбедност.

vatikan2На средбата со надбискупот Галагер беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Светиот Престол и беше изразено задоволството од зголемената динамика на средби и посети на високо ниво.

Двајцата соговорници разменија мислења за тековните иницијативи во насока на продлабочување на меѓусебната соработка.

Надбискупот Галагер го поздрави фактот дека, иако католичката заедница во Република Македонија е бројно мала, сепак е високо почитувана, оценувајќи го како потврда за македонскиот модел на меѓурелигиски соживот.

Истакнувајќи дека Република Македонија има длабока традиција на почитување на различните верски чувства, претседателот Иванов ја истакна конструктивната улога на Католичката црква како важен столб на меѓуетнички и меѓурелигиски соживот.

Претседателот Иванов изрази надеж дека Папата Франциск ќе ја прифати отворената поканата за посета на Република Македонија, што би било од огромно значење за унапредувањето на билатералните односи, за католичката заедница во Република Македонија и воопшто за сите христијански верници.

Претседателот Иванов е предвидено да се обрати на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во четврток.