Божиновски: Урбанистичката деградација стана главна одлика на оваа Локална власт
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.
„Охрид се гуши од урбанистичкиот хаос што го создаваат СДСМ и в.д. градоначалникот Константин Георгиески. Урбанистичката деградација стана главна одлика на оваа Локална власт. Животот на СДСМ значи незаконски да се заграбат најатрактивните простори на Охридското крајбрежје.
Откако претходно не успеаја во Градиште сега повторно се обидуваат да легализираат бесправно изградени објекти на земјиште сопственост на Република Македонија во крајбрежниот појас – во Трпејца, кај автокампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации без изградени објекти, но на атрактивна местоположба.
Зошто не се почитува Законот за постапување со бесправно изградените објекти?
Општината и државата со тоа што самите посегнуваат кон нелегално градење свесно ги прекршуваат сопствените закони.
Дали Георгиески со дивоградби ќе го заштити Студенчишкото Блато?
Веќе јасно како ден е дека со палење на трската се подготвуваат терените за узурпација на крајбрежјето на езерото преку нови градби.
ВМРО-ДПМНЕ бара од в.д градоначалникот Константин Георгиески да ги повлече точките од дневен ред за легализација на дивоградбите на 26-тата седница на Советот на општина Охрид.
Ги повикуваме сите еколошки друштва и граѓански здруженија да ни се придружат во борбата за зачувување на доброто на Охрид.
СДСМ и Георгиески свесно го водат Охрид на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО.
Охрид ќе се спаси од оваа урбана мафија.
Охрид и охриѓани ќе ги казнат СДСМ и Георгиески и ќе го спречат уништувањето на градот.“ – истакна Божиновски.