25/04/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката заедница во Република Северна Македонија.

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците. Со особена гордост го празнуваме овој значаен ден водејќи сметка за историјата, културата и за традициите на бошњачкиот етникум кој е нераскинлив дел од нашето мултикултурно општество. Сите ние, поединечно, без разлика на која етничка група или религија припаѓаме сме одговорни да ги негуваме почитта и меѓусебното разбирање, потврдувајќи дека нашата држава и понатаму е пример дека различностите се најголемо богатство.

Почитувани припадници на Бошњачката заедница,

Република Северна Македонија, како наш заеднички дом, заслужува да биде развиена и модерна европска држава, заедница на среќни граѓани. Затоа ве повикувам како и досега, да продолжиме посветено да градиме општество еднакво за сите и заедно да работиме за подобра и посветла иднина. Тоа си го должиме себеси и на генерациите што следат. Верувам дека заедно можеме да ја оствариме визијата за стабилна и просперитетна Република Северна Македонија.

Дозволете, уште еднаш, да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците и да ви посакам многу здравје, среќа и бериќет.