26/04/2024
Македонија

ЦИВИЛ: Борбата против корупцијата е борба за демократија и човекови права

Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9 декември, ја означува континуираната борба против најголемиот непријател на владеењето на правото, но и на демократијата и човековите права. Тоа подразбира и секојдневен напор да се спроведуваат транспарентни и одговорни политики лишени од партиски и политички влијанија.

ЦИВИЛ со години интензивно ја следи корупцијата, особено политичката корупција, која излегува надвор од своите маргини, како по правило, за секој изборен циклус. На Меѓународниот ден на борбата против корупцијата ЦИВИЛ повикува принципиелност, одговорност и транспарентност на сите институции, потсетувајќи дека Законот важи за сите подеднакво и дека никој не смее да полага право на привилегираност само затоа што е на некоја функција.

ЦИВИЛ останува буден и активен, како во мониторингот, така и во преземањето конкретни чекори и иницијативи во насока на јакнење на јавната свест и барање за целосна посветеност во борбата против корупцијата.

Од денешна перспектива, според оценките на релевантни домашни и меѓународни извештаи и анализи, Северна Македонија бележи голем напредок, од заробена држава во која царуваше партиската коруптивна клика на авторитарниот режим, до отворена влада и зајакнати институции во кои се забележува политичка волја, политики и практики од кои се гледа подготвеноста на системот да се соочи со корупцијата и криминалот. 

За жал, и покрај силните напори на сите нивоа и во сите сектори на општеството и системот, предизвиците во борбата против корупцијата остануваат. Пред светот, а така и пред Северна Македонија, претстои долг пат кон надминување на погубните последици од корупцијата во општеството и во институциите. 

Пораката на ЦИВИЛ била и останува иста: Борбата против корупцијата е борба за демократија и човекови права.