28/04/2024
Македонија

ЦИВИЛ го честита 7 Мај, Денот на полицијата

ЦИВИЛ им го честита 7 Мај, Денот на полицијата на сите припадници на Министерството за внатрешни работи и им оддава признание и благодарност за вложените напори во исклучително тешкиот период за сите граѓанки и граѓани.

Во периодот на вонредна состојба за спречување на ширењето на коронавирусот, најголем дел од полицајците покажаа високо професионално ниво и човечка храброст. Воедно, за одбележување се и редовните активности за одржување на јавниот ред и мир, како и акциите на Бирото за јавна безбедност во борбата против криминалот.

ЦИВИЛ потпиша Меморандум за соработка и партнерство со МВР во повеќе области, меѓу кои се и почитувањето на човековите права и слободи, мирни и законити изборни процеси, спречување на екстремизмот и радикализмот и борбата против култот кон оружјето и злоупотребата на нелегалното оружје.

Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ ја мониторира работата на МВР со посебно внимание и во изминатиот период бележи дека постојат извесни отстапувања од професионалните стандарди во постапувањето на полицијата во комуникација со граѓанките и граѓаните.

Голем предизвик за МВР е и политичката ситуација во која одредени политички структури и индивидуи се обидуваат да ја злоупотребат својата позиција и со тоа ѝ ја отежнуваат работата на полицијата.

Забележливи се обидите на одредени структури да ја злоупотребат полицијата за политички цели, но со тоа успеаваат само да ја потсетат јавноста на мрачните денови на полициската држава, киднапирана од државата.

Наспроти сето тоа, сега полицијата е професионална служба ориентирана кон заштита на безбедноста и сигурноста на граѓанките и граѓаните, за разлика од претходниот период кога полицијата беше алатка во рацете на авторитарниот режим.  

Наспроти сите предизвици и слабости, полицијата успева да ја извршува својата основна функција во служба на јавниот интерес и националната безбедност.