26/04/2024
Охрид

„Цветната штафета“ дочекана и во ООУ „Св.Наум Охридски“ подрачна единица во Долно Коњско

Следејќи ги светлите традиции на словенските просветители светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум а во Годината на големиот Блаже Конески во организација на уметникот, хуманитарец и кандидат за Нобеловата награда за мир познатиот Живко Поповски – Цветин, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и ООУ „Св. Наум Охридски“ вчера заеднички беше организиран дочекот на Цветната штафета на мирот во подрачното училиште „Св. Наум Охридски“ во населбата Долно Коњско.

Живко Поповски– Цветин речиси целокупното свое творештво во изминатите три и пол децении му го има посветено на цвеќето и на неговата мировна мисија, со основната порака: „ На светот му се потребни: мир, храна, солидарност, љубов…“

-На овој начин ја поддржавме идејата на познатиот Поповски – Цветин преку неговата цветна штафета и од Охрид ( штафетата тргна на 21 јануари годинава од ОУ Живко Брајковски во Бутел – Скопје ) децата да ја испратат пораката за мир и љубов. Не случајно бевме во ова училиште во Долно Коњско кое го носи името на Св. Наум Охридски. Сакавме во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески да ги споииме вековите и овој заслужен творец од областа на современиот македонски јазик, литература и култура со светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Григор Прличев да останат врежани во колективната меморија на децата, рече Милчо Јованоски од Библиотеката „Григор Прличев“.

 Охридската библиотека на над 20 деца – учесници им подари по една книга, ја збогати и нивната училиштна библиотека со дела од познатиот автор Миле Волканоски а за својот ангажман сите деца и наставници – учесници добија мали минијатури со цветна порака од уметникот Живко Поповски – Цветин.

Радоста беше видлива на лицата на децата ама и на нивните наставнички и дел од родителите присутни во училиштниот двор во која беше поставена изложбата од детски трудови посветени на мирот и цвеќето.

– Сакаме во име на целиот колектив од ООУ „Св. Наум Охридски“ со седиште во Пештани да се заблагодариме на уметникот и хуманитарец Цветин и на Библиотеката што го одбраа нашето училиште за овој настан. Овој ден ќе остане врежан во сеќавањата на децата преку читањето на пораката за мир и љубов и нејзиното испраќање кон светот со пуштањето на балоните во разиграни бои, ни рече наставничката – ментор Лила Каранфиловска, која заедно со колешките Валентина Мојсовска и Даниела Бошалева Мојсоска, беа наши добри домаќинки.

Цветин над 55 000 слики „Цвеќе на мирот“ досега има подарено и се наоѓаат во колекциите на познати државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија. Досега Поповски има организирано над 300 изложби на сите континенти.

Поповски е првиот македонски сликар чија ликовна изложба беше претставена на Интернет, под наслов „52 Цвеќиња на мирот за 52 години на ООН“ во 1997 година, по повод годишнината на ООН. Во 2009 година тој беше кандидат за Нобелова награда за мир, кога од 205 кандидати, беше меѓу првите 5 во потесен избор.

Неодамна Цветната штафета беше пречекана во ООУ „Св. Климент Охридски“ а идејата е во текот на оваа година да ја обиколи целата наша земја а по можност да продолжи и на Балканот.