19/04/2024
Македонија

Делегација предводена од Главен технички преговарач Бојан Маричиќ се сретна со Претседателот на Европскиот суд на правдата Коен Ленартс

Во рамки на објаснувачкиот скрининг за Поглавје 18 – Статистика во Луксембург, делегација предводена од Посебниот советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и главен технички преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ, во придружба на директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер, оствари средба со Претседателот на Европскиот суд на правдата Коен Ленартс.

На средбата, Претседателот на Европскиот суд на правдата Коен Ленартс упати искрени честитки до Владите и Парламентите на Република Северна Македонија и Република Грција за надминување на 27-годишната разлика во уставното име меѓу двете земји потенцирајќи дека Договорот од Преспа е доказ дека Европската унија се уште е мировен проект.

Во разговорот, претседателот Ленартс рече дека владеењето на правото е камен темелник на Европската унија и е заедничка одговорност како на земјите членки, така и на идните земји членки. Потенцираше дека за демократија, владеење на правото и почитување на човековите права е потребно време, но и голема волја. Тој исто така ги истакна потребата од подобрување на ефикасноста на судската администрација и дигитализација на судството како клучни актуелни прашања за европското правосудство.

Главниот технички преговарач Бојан Маричиќ се заблагодари на упатените честитки, објаснувајќи дека Европската унија имаше круцијална улога во враќањето на демократијата во нашата земја, во реформирањето на судството и борбата против корупцијата како приоритетна област, како и во решавањето на отворените прашања со соседите. Маричиќ посочи дека поддршката на ЕУ и залагањата на Владата го отворија патот на Северна Македонија за одлука за почеток на преговорите за членство која ја очекуваме во јуни 2019 година.

На крајот од средбата, нашата делегација упати покана до Претседателот на Европскиот суд на правдата Коен Ленартс да ја посети Република Северна Македонија, за поблиску да се запознае со спроведувањето на реформите и да даде дополнително охрабрување и мотивација на нашите институции и граѓани.