27/04/2024
Македонија

Демократски сојуз: Политичката мафија може да се сотре со независни и високи професионални институции

Ставањето на Рамиз Мерко на црната листа на САД  е сериозна опомена против политичката мафија која владее со Македонија и против која никој не се осмелува да започне системска „војна“ сè до нејзино искоренување.

Водачите на овој октопод, кој го разорува целокупниот систем, ја уништуваат државата и надежта на младите е етаблирана во партиите, Владата, судовите, обвинителствата и институциите задолжени за откривање и сузбивање на криминалот и високата корупција.

Државата ни е во колапс, партизацијата и неподготвеноста да се изградат независни институции надвор од партиските влијанија и центрите на моќ, го суспендира владењето на правото и законитоста.

Потребен ни е генерален ремонт на државата, но тој процес ќе потрае сè до следните парламентарни и претседателски избори и донесување на нов Устав на Македонија. Инаку, Уставот го гуши демократскиот развој и одговорноста, како предуслови за државата да се движи напред.

Во меѓувреме, повикуваме најитно Парламентот да го донесе Законот за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со што ќе започне жестока борба и справување со криминалот што го прават функционерите.

Инаку овој закон пред неколку дена во првата фаза го поддржаа пратениците од сите партии.

Наместо министрите да се чудат за тоа како Мерко се нашол на црната листа, да погледнат околу себе и да видат дека се бетер од Мерко и да се повлечат од функциите, а не еуфорично да ги повикуваат институциите да делуваат, кои во суштина се блокирани од самите нив.


WebOhrid / 23.06.2023 / Демократски сојуз