Донев: Скандал до скандал, хаос во образованието со СДСМ и Константин Георгиески
Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.
„Скандал до скандал, хаос во образованието со СДСМ и Константин Георгиески. Охридската јавност, особено родителите и учениците се сведоци на субстандардни услови за работа во голем број од училиштата.
Поради непријавени долгови на ОУ „Григор Прличев“ во системот на е-обврски до 30 септември 2018 г. од страна на Директорката, Општината не можеше да ги користи владините пари добиени за таа намена со што општинскиот буџет е оштетен за 8.000.000 денари.
Дали Георгиески знае што му се случува со образованието и дали конечно ќе побара одговорност од Директорката за пропустот која не смеела да го направи?
ОУ „Григор Прличев“ со години има блокирана сметка. Советот со години усвојува извештаи во кои не се прикажуваат трошоци и за најелементарните потрошни средства за одржување хигиена и непречена настава. Неодамна на социјалните мрежи се појавија фотографии од срушен таван во Училиштето. Постојано се бараат донатори и спонзори, најчесто тоа се родители, за да се пратат децата на натпревари надвор од Охрид.
Зошто во вакви услови на Советот му се дава на усвојување Изјава од која треба да се заклучи дека долгот е минимален и училиштето ќе се справи со истиот од сопствени средства?
На овој начин средствата од Буџетот на државата нема да бидат искористени за раздолжување на образовните единки формирани од Општината, туку ќе се сервисираат само општински долгови.
Она што е јавен интерес, а тоа се нашите најмлади и процесот на нивно образование се надвор од фокусот на Општината. Ќе бидат оставени со блокирани сметки и до гуша во долгови кои изгледа не се евидентирани од непознати причини.
Кој ќе сноси одговорност?
Но за жал ќе трпат децата и родителите. Тоа нема да го заборават охриѓани. Кај Георгиески и СДСМ поочигледни се стравот од пораз и недовербата на граѓаните. Затоа ќе бидат казнети на 21 април, а сите ние заедно ќе го направиме Охрид убав град за живеење.“ – истакна Донев.