27/04/2024
Спорт

Фудбалска Македонија слави 30 години од првиот меч на репрезентацијата

На 13. октомври 1993 година во Крањ, започна историјата на нашата фудбалска репрезентација. 

Стартуваше со блескав триумф од 4:1 против Словенија. Зоран Бошковски – Чоко беше стрелец на првиот гол.

Најдобрата фудбалска репрезентација досега одигра 276 официјални натпревари, имаше победи и порази, радост и тага, сите тие меча останаа врежани во нас, но само еден вечно ќе се памети. 

Само еден беше историски, а тоа е оној првиот на 13 октомври 1993 година, кога во Крањ ја стартувавме нашата историја со дуел против Словенија. Блескава победа од 4:1. 

Првиот стрелец беше Зоран Бошковски – Чоко, и тој и неговиот гол, влегоа во историјата на оваа држава. ДОНЧО, ПАНЧЕВ, ЧОКО, ЦАПАР, ЧЕДЕ, ИЛИЈА…Македонија е самостојна држава од 1991 година, но две години подоцна доби шанса од ФИФА и УЕФА да настапува како посебна репрезентација. Тогашниот Фудбалски Сојуз на Македонија, сега ФФМ, се одлучи првиот меч да го одиграме во Крањ, на гости во Словенија и тоа на 13 октомври 1993 година. Селекторот Андон Дончевски имаше силен состав, тука беа Дарко Панчев, потоа Зоран Бошковски – Чоко, Драган Канатларовски – Цапар, Чеде Јаневски, Илија Најдоски и другите. Тогаш таа Словенија беше лесен залак, ја победивме со 4:1. Тој 13 октомври во Крањ, пред 30 години, со златни букви ќе биде запишан како датум на кој стартуваше нашата фудбалска репрезентативна историја. И веќе во 3. минута гол, водство. По додавањето на Дарко Панчев, Чоко Бошковски уште во 3. минута постигна гол, првиот за Македонија, На радоста и немаше крај. Следуваа головите на Панчев (37.минута), Чеде Јаневски (48.минута) и на Драган Канатларовски (51.минута) за голема победа од 4:1. Почесниот гол за домашните беше дело на Пате (40.минута). Дончевски на тој натпревар им даде шанса на следните момци: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски),Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12.Горан Георгиевски, 73. Саше Милошевски), Тони Мицевски. 

Зоран Бошковски – Чоко: 

– Горд сум на голот-првенец за Македонија, ќе го паметам засекогаш. Дарко Панчев нафрли од левата страна, јас ја следев акцијата, натрчав на топката и гол, радоста беше голема. Прв меч за Македонија, под ново знаме, химна, тоа беше нешто посебно, не се заборава. Атмосферата на стадионот во Крањ беше прекрасна, имаше неколку илјади Македонци, кои дојдоа да нѐ поздрават, да нѐ бодрат.

СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4

13 октомври 1993 година, Крањ, пријателска средба
Стрелци: 0-1 Бошковски 3. минута, 0-2 Панчев 37 (пенал), 1-2 Пате 40, 1-3 Јаневски 48 (пенал), 1-4 Канатларовски 51. минута. Жолти картони: Глиха, Георгиевски и Најдоски. Градски стадион во Крањ „Станко Млакар“. Гледачи: 3.000. Судии: Драгутин Карло Пољак (главен), Дарко Цвитковиќ, Иван Петек (сите од Хрватска).
СЛОВЕНИЈА: Марко Симеунович (од 58. минута Бранко Зупан), Грегор Жидан (58. Алфред Јерманиш), Џони Новак, Дарко Миланич, Грегор Блатник, Андреј Пољшак (61. Роберт Енгларо), Алеш Чех, Самир Зулич (37. Јанез Пате), Златко Захович, Сашо Удович (46. Примож Глиха), Матјаж Флоријанчич. Селектор: Бојан Прашникар.
МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63. Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Драги Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86. Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12. Горан Георгиевски, 73. Сашо Милошевски), Тони Мицевски. Селектор: Андон Дончевски.

ДЕЛЕГАЦИЈА ОД 45 ЧЛЕНОВИ Како за прв натпревар нашата делегација во Крањ и не беше така бројна. Околу 45 фудбалери, тренери на чело со чичко Дончо, потоа доктори, претставници и функционери на Фудбалскииот Сојуз, потоа гости, познати фаци и бизнисмени, но и седумммина новинари. Од МТВ, од Македонско радио и од печатените медиуми. Сите тие знаеја како да и се израдуваат на првата победа, победа со која почнавме.


WebOhrid / 13.10.2023 / ФФМ