19/05/2024
Охрид

ГДУ: Како може во Охрид плажите да функционираат, а притоа никој да нема документи?

Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Последната изјава на градоначалникот е уште еден доказ дека во него нема ниту желба, ниту мотивација нештата да се променат и да се изнајдат соодветни решенија.

Замислете какво е тоа лицемерие кога упорно ги напаѓа неговите претходници и претходната власт, а притоа заборава дека неговата матична партија е на власт 3 години и речиси толку и на локално ниво. Замислете какво е тоа лицемерие кога и самиот признава дека нема легална плажа во моментов, а сепак плажите работат под полна пареа. Но повторно не дознавме каде заврши ќарот и каде беа инспекторите? На крајот се потврди тоа што цело време го зборувавме и баравме одговори, но Општината и градоначалникот упорно ги заобиколуваат нашите забелешки и апелирања, додека пак тие на ДПМНЕ им се како добро утро и со задоволство ги чекаат, за да ги потсетат дека тие биле најголемите виновници.

Од името на ГДУ и на нашите сограѓани повторно прашуваме каде беа инспекторите цело лето? Што направи Општината за да го реши тој проблем? Што презеде градоначалникот за да го спречи тоа безредие? Што направи министерот Сугаревски и како поминаа засилените посети на инспекторите и дали воопшто знае каде се плажите? Како може во Охрид плажите да функционираат, а притоа да нема никој документи? На кого му одговара овај исход? Кој и со кое право наплаќаше на охридските плажи? Тоа се само неколку прашања на кои треба да дадат одговор градоначалникот и министерот.“ – стои во соопштението од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).