29/04/2024
Охрид

Георгиески: Еден од носечките проекти на кој посветено ќе работиме е проектот „Урбана култура“

СДСМ Охрид и коалицијата „Најдоброто за Охрид“ денес одржа прес-конференција на која се обрати кандидатот за градоначалник, д-р Константин Георгиески.

„Охрид е своевиден град музеј, но и град кој живее и се развива. Културните богатства се непроценлива можност за туристичка активност како и можност за економски напредок. Токму затоа преземаме сериозна иницијатива за одговорност, грижа и одржливо управување со сопственото културно и историско наследство, согласно препораките на УНЕСКО.

За разлика од останатите кандидати кои само таксативно и паушално ветуваат проекти, од кои голем дел, се пред почеток на реализација, НИЕ нудиме конкретни идеи и решенија со детални описи.

Еден од носечките проекти на кој посветено ќе работиме во текот на наредниот период е проектот „Урбана култура“. Овој проект се однесува на низа инфраструктурни зафати, чија цел е градот да добие функционално решение за централното подрачје.

Почетна точка за реализација на проектот е реконструкција на плоштадот „Чинар“ заедно со пешачката улица „Гоце Делчев“ кои наскоро ќе добијат комплетно нов и современ лик. Реконструкцијата предвидува замена на постојниот плочник со нови гранитни плочки, замена на постојната фонтана, уредување на просторот околу „Чинарoт, нова урбана опрема и осветлување. Во моментот се чека Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културно наследство, кое беше аплицирано на 15-ти јули оваа година.

Имамe план и преземаме конкретни мерки за враќање на сјајот и автентичниот изглед на Охридската чаршија. Чаршијата по целата нејзина должина од „Чинарот“ до Градскиот плоштад ќе биде поплочена со гранитни плочки и ќе биде извршено унифицирање на излозите и рекламните паноа на деловните објекти.

Како најважен сегмент од проектот „Урбана култура“ е реконструкција на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, согласно сите предвидени мерки за заштита и чување на препознатливите визури на градот. Ќе се изврши обнова на целата негова површина, ќе биде поставена автентична урбана опрема, осветлување и ќе биде извршено современо хортикултурно уредување.

Во согласност со препораките на УНЕСКО, како дел од проектот „Урбана култура“ ќе преземеме мерки за замена на бехатон плочките од сите локации во заштитениот дел на градот, со природни материјали, согласно староградската архитектура.

Покажавме дека имаме капацитет да спроведуваме големи и важни проекти за градот. Продолжуваме со уште поголемо темпо и уште поголема посветеност. Најголемиот прироритет ни се најважните потреби на граѓаните! Нудиме најдобри решенија и проекти кои се во интерес за нашиот град. Охрид го заслужува најдоброто. На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 за уште една голема победа за нас и за идните генерации!“ – истакна Георгиески.