27/04/2024
Македонија

Хелсиншки комитет: Бегалската криза не е завршена – кризната состојба треба да се продолжи

Бегалската криза не смее да се смета за завршена иако бројот на бегалци и мигранти кои лани влегоа во Македонија е намален во споредба со 2016 година. Државата мора да продолжи да ги гради своите капацитети за да може непречено да ги гарантира основните човекови права и слободи на бегалците и мигрантите на нејзината територија, како и итно да престане со нелегалното, групно „депортирање“ на овие луѓе кон соседните земји. Ова се дел од заклучоците кои Хелсиншкиот комитет за човековите права на Македонија ги истакна во Годишниот извештај за 2017 за утврдените состојби и почитувањето на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил кои транзитираа низ земјава.

Во рамки на дискусијата за истражувањата беше разгледано и прашањето за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница во земјава. Препораката е дека Собранието треба да прогласи продолжување за да се следи ситуацијата на терен, да се подобри состојбата на транзитните кампови како и третманот на бегалците. Хелсиншкиот комитет истакнува дека официјалната статистика на институциите покажува оти во Македонија во 2017 година, бројката на бегалци и мигранти во прифатните кампови не надмина 200 лица.

Податоците од активистите на терен, пак, велат оти бројот на бегалци и мигранти кои се движат по нерегуларните патишта е значително поголема. Овие лица, меѓу кои има мажи, жени и деца, не се заштитени од државните органи и се препуштени на криумчарски групи или на личната способност за преживување.

„Постојат три многу важни точки за оценување како државата се поставила во тек на бегалската криза. Тие се: националната пракса, начинот на кој се поставија државата и надлежните институции, како и севкупниот општествен одговор вклучувајќи го и односот на месното население, односно степенот на ксенофобија и прекуграничната соработка затоа што стануваше збор за светска криза во која беа вмешани голем број држави. По сѐ што се соочивме, бегалската криза е добра лекција за сите нас која нè научи дека сепак некои територии кои мислевме дека се освоени во насока на почитување на човековите права и слободи не се и сè уште мора да се бориме за нив. Сето она што е хуманост на хартија не е и хуманост на дело“ – истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет при презентацијата на резултатите од Годишниот извештај за 2017 година, но и на бегалската криза од самиот нејзин почеток.

Во текот на минатата година низ Македонија поминале бегалци од повеќе земји, при што најбројни биле луѓето од Авганистан, Сирија, Пакистан, Иран и Ирак. Поретко се среќавале бегалци и мигранти со потекло од Мароко, Алжир, Либија, Палестина, а кон крајот на 2017 биле регистрирани неколку турски државјани кои бегале од политички прогон.

„Од една страна, Македонија им обезбеди на бегалците и мигрантите удобен престој во земјата, овозможувајќи основни услови во транзитните кампови со цел да се почитуваат нивните човекови права. Од друга страна, покрај повремените прекршувања на човекови права во одделни случаи, како што се ограничување на слободата на движење, ограничен пристап до територија, употреба на прекумерна и неоправдана сила од страна на полициски службеници, најдоминантен проблем во текот на целата година е практиката на нелегална „депортација“, односно протерување на бегалците и мигрантите од државата без соодветна процедура“ – истакна Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет.

За да се надминат ваквите проблеми, Хелсиншкиот комитет препорачува да се воспостави систем на навремено регистрирање на сите бегалци и мигранти што транзитираат низ земјава, за да може да се следи нивното движење и да се зголеми заштитата на нивните човекови права. Да се гарантира правото на барање азил за сите бегалци, мигранти и странци задржани на територијата на Македонија без условување од страна на државните органи, да се обезбеди надзор и поголема заштита за малолетниците без придружба кои транзитираат низ земјава, а обвинувањата за употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници темелно да се истражат и евентуалните прекршители на законските овластувања да сносат одговорност. Дополнително, Хелсиншкиот комитет укажува дека неопходно е да се влијае врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на тоа дека минатата година е забележано високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните, нетолеранција кон бегалците и говор на омраза.

Годишниот извештај е подготвен во рамки на проектот Help on the Route, што има за цел да го крене интересот на јавноста за позицијата и да ја подобри заштитата на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац“. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во овој проект заедно со Новосадски хуманитарен Центар и Здружение на самарјанските работници. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.