29/04/2024
Охрид

In Memoriam: Почина ликовниот уметник и педагог Ѓоко Целески

Во својата 88 година, во Охрид, почина ликовниот уметник и педагог Ѓоко Целески. Ќе биде погребан утре во родното Белчишта.
Учествувал на бројни самостојни и групни изложби, како и на ликовни колонии во Македонија (Кнежино), Албанија и Бугарија.
Застапен е во книгата „Сликарството во Охрид во 20 век“ од Јорданка Матова, како претставник на втората генерација ликовни уметници.

Целески е основач на најстарата ликовна колонија кај нас, “Дебрца”, во Белчишта, воедно, и со најбогат фонд од над 700 уметнички дела.

Ја чувствуваше како своја рожба, како свое чедо.  Нагласуваше дека ја негува, колку и своите деца и внуци.
Зад  Ликовната колонија “Дебрца” стои создателство од платна на великани во ликовната уметност, од постарата, но и помладата генерација.

Професорот Димче Коцо, потоа Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски, Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски,  Сергеј Андреески, Петар Мазев и многу други.

Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, а од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерискo ускладиштување и презентирање.

Учество зеле над 200  уметници,  од  Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија  и  други  земји.

Организирани  се  115  изложби  во   Република  Македонија, додека Колонијата  соработувала  со  многу слични  од  Македонија  и  другите  земји,  како  и  со Факултетот  за  ликовна  уметност  во  Скопје.