28/03/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со директорот на ЈП „Водовод“ Охрид, Владимир Алексијоски

Бројни финансиски проблеми, неисплатени месечни примања (плати), немање на здравствено осигурување на вработените, долгови кон голем број на добавувачи, кои долги години воопшто не биле сервисирани и за кои покрај основните долгови се натрупувале три пати повеќе каматни побарувања. Ваква беше сликата на ЈП „Водовод“ Охрид до пред само неколку месеци. Денес, по само неколку месеци промени, состојбата со ЈП „Водовод“ Охрид е навистина поинаква. Позитивните промени во ова претпријатие се и наш повод да разговараме со првиот човек на претпријатието в.д. директорот Владимир Алексијоски.

Во интервјуто за WebOhrid, директорот Алексијоски вели дека една од основните цели во работењето ќе биде детекција и отстранување на така наречените „диви“ приклучоци. Тој открива дека ќе се поставуваат и контролни реонски броила преку кои ќе се контролира испумпаната и фактурираната количина на вода по реони.

WebOhrid: Најпрво, како се чувствувате како прв човек на јавното општинско претпријатие ЈП „Водовод“. Беше ли предизвик да ја прифатите оваа раководна функција?!

Алексијоски: Во моментов како прв човек на МЈП „Проаква“, РЕ „Водовод“ Охрид се осеќам многу гордо и задоволно, бидејќи за многу кратко време успеавме да постигнеме некои цели кои подоцна ќе Ви ги образложам, а кои беа дел од многубројните повеќегодишни проблеми на претпријатието. Предизвикот да се стане прв човек на ова претпријатие беше доста голем. Желбата да се помогне со своето знаење и искуство, досегашниот овдешен професионален ангажман почнувајќи од одделението за техничка припрема, преку одделението за квалитет на водата и одделението за присилна наплата на побарувања беа уште еден огромен мотив за овoј предизвик.

WebOhrid: Во каква состојба го презедовте Јавното претпријатие?

Алексијоски: На оваа функција дојдов на 15.11.2017 година благодарение на одлуката на Градоначалникот на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски и согласноста од страна на Градоначалникот на Општина Струга проф. д-р Рамиз Мерко. Во тие моменти фирмата ја затекнав со бројни нерешени проблеми пред се од финансиска гледна точка. Немаше исплатено три и половина месечни примања (плати), здравственото осигурување веќе цели пет години беше мисловна именка што за Јавно претпријатие кое стопанисува со вода е многу чудно и неприфатливо. Долгови према голем број на добавувачи, кои долги години воопшто не биле сервисирани и за кои покрај основните долгови се натрупувале три пати повеќе каматни побарувања. Процентот на „загуба на вода“ надминуваше 60%. Организацијата во работењето според моето размислување и размислувањето на мојот тим не ги задоволуваше основните стандарди на работење и ангажман на секој еден вработен.

WebOhrid: Каква е моменталната состојба на претпријатието, со какви проблеми се соочува и како тие ќе се решаваат?

Алексијоски: Сегашната слика во РЕ „Водовод“ Охрид по само 4 месеци од моето седнување на оваа позиција заедно со тимот на раководни лица на кои им сум благодарен на поддршката и нивниот ангажман изгледа малце поинаку. Моменталното каснење во исплатата на платите е сведено само на еден месец закаснување, здравственото осигурување уште после првиот месец од доаѓањето на функцијата стана реалност. Ангажираноста на вработените по сите одделенија е на многу повисоко ниво, контролите на терен се се почести и поредовни. Реагирањето на утврдени дефекти по линиите е многу побрзо, процентот на неприходованата вода се намалува.

WebOhrid: Иако минатата Локална самоуправа најавуваше исплата на задоцнетите плати, сепак тоа не се случи. На големо задоволство на вработените во „Водовод“ со Вашето доаѓање како директор на ова претпријатие, веднаш почнавте со исплата на заостанатите плати. Каква е состојбата?

Алексијоски: Како што напоменав, исплатата на заостанатите плати и тоа во овие тешки месеци за работење оди многу добро. Евидентно е задоволството кај вработените од исплатата на истите и моменталното каснење од само еден месец кој искрено се надевам дека до крајот на месец јуни и тој ќе биде минато кое треба да се заборави и никогаш да не се повтори.

WebOhrid: Покрај исплата на заостанатите плати, кои други приоритети се во Вашата овогодишна агенда кои ќе го променат претходниот начин на раководење?

Алексијоски: Покрај исплатата на заостанатите плати во текот на оваа година планираме да направиме и некои измени во нашето работење, поточно во работењето на инкасаторската служба и начинот на евидентирање на потрошувачката. Со тоа сакаме да го намалиме и процентот на изгубената вода односно да си ги намалиме загубите првично преку пронаоѓање на истата. Планираме и поставување на контролни реонски броила преку кои ќе се контролира испумпаната и фактурираната количина на вода по реони.

WebOhrid: Како оди наплатата на сметки? Дали очекувате зголемената цена на сметките за вода да влијае врз наплатата?

Алексијоски: Наплата на сметките засега е добра, но секогаш може и подобро. Посебно подобрувањето на наплатата на заостанатите сметки мора да биде многу подобра од досегашната наплата. Искрено се надевам дека покачувањето на сметките кое нажалост бевме приморани да го направиме врз основ на решението од Регулаторната комисија нема да влијае врз наплатата, бидејќи истите остануваат на терет на корисниците и за во иднина, а како што се рекло една прескокната сметка претставува голем проблем во понатамошниот тек на исплатата.

WebOhrid: Каква вода пијат охриѓани?

Алексијоски: Квалитетот на водата која ја користат нашите сограѓани според резултатите од редовните анализи од страна на Центарот за јавно здравје е добар.

WebOhrid: Поради последните три последователни негативни резултати добиени од анализата за исправност на водата кои се однесуваат за стариот цевковод од ЕМО Охрид, а со цел за заштита на здравјето на граѓаните од руралните подрачја на овој дел од општината, Локалната самоуправа даде налог РЕ „Водовод“ Охрид да преземе мерки за подобрување на квалитетот во водоснабдувањето во подрачјето каде што поминува овој цевковод. Што предвидуваат тие мерки?

Алексијоски: Како што кажавте и Вие, но и како што можеше да се прочита по многуте портали, анализите на водата во подрачјето од поранешна Коселска Општина веќе три пати последователно не ги задоволуваат потребните параметри за исправност на истата. После ова од страна на Локалната и Градоначалникот, заедно со преставниците од Центарот за јавно здравје и ние од Водовод беа одржани средби како со мештаните, така и со стечајното раководство на АД ЕМО Охрид. На тие средби им беше укажано за проблемот и последиците од истиот, но во исто време беше побарано од нас да извршиме контрола на постоечкиот цевовод од ЕМО и да се направи санирање и дезинфицирање на истиот заедно со понатамошно третирање на водата како таа би била исправна за користење. Уште одма од страна на Локалната ни беше издаден налог за спроведување на тоа што произлезе како заклучок од овие средби. Нашите екипи се веќе излезени на терен и ја констатираат моменталната состојба на цевководот од ЕМО.

WebOhrid: Кои се најчести поплаки на граѓаните? Колку се подготвени екипите на ЈП „Водовод“ – Охрид, да реагираат брзо при пријава на дефект?

Алексијоски: Најчестите поплаки од страна на нашите корисници се однесуваат на досегашната пракса на не многу редовноста во отчитувањето на состојбите на броилата, недостатокот на вода во летните периоди во деловите каде се врши нелегално наводнување на земјоделскии зелени површини, долгови врз основ на неплатени сметки итн. Екипите на РЕ „Водовод“ се во секој момент подготвени да реагираат на дефект. Од моментот на нашето доаѓање се договоривме дека излегувањето за санација на дефект да биде што е можно побрзо со тоа би се намалиле и загубите на вода и би се намалило времетраењето на неснабдување на корисниците.

WebOhrid: Во летниот период, актуелен е проблемот на одредени делови од општината кои се жалат дека одредени сограѓани со „диви“ приклучоци им го намалуваат притисокот на вода, така што додека едни немаат вода за пиење, некои „на црно“ си ги наводнуваат своите бавчи. Дали конечно ќе се започне со акција за откривање на ваквите случаи?

Алексијоски: Точно така. Тоа е долгогодишен проблем. Но ве информираме дека една од нашите основни цели во нашето работење ќе биде точно детекцијата и отстранувањето на овие така наречени диви приклучоци. Според законот за водоснабдување овој начин на користење на водата е нелегален и сноси кривични последици. Задоволни сме што од досегашните посети од страна на претставниците на МЗ и УЗ каде има ваков проблем наидовме на разбирање и договор за заедничко понатамошно делување. Бидете сигурни дека овој проблем за брзо ќе биде отпочнат со решавање, бидејќи решавањето на овој проблем значи и решавање на долгогодишни повеќе проблеми во работењето на МЈП „Проаква“, РЕ „Водовод“ Охрид.

WebOhrid: До каде е процесот за одделување на ЈП „Водовод“ од МЈП „Проаква“ – Струга?

Алексијоски: Што се однесува до одделувањето на РЕ „Водовод“ Охрид со РЕ „Водовод“ и колектор Струга сега за сега не можам ништо ново да Ви кажам. Обврските од кредитот кој нажалост сеуште не е доисплатен не дозволуваат да се одделат овие претпријатија. Кога и дали воопшто ќе има одделување ќе покаже времето. Наше е и вака во целина да постигнеме ова МЈП да функционира позитивно и да не прави долгови.

WebOhrid: Ваша порака до јавноста!?

Алексијоски: Вратите на нашето претпријатие се секогаш отворени за Вас како наши коминтенти. Сите проблеми кои ги имате или мислите дека ги имате, тука сме заеднички да ги решаваме. Бидете совесни и добри потрошувачи, рационално користете ја водата и не дозволувајте истата непотребно да течи. Заеднички да почнеме да ги решаваме нашите проблеми, односно заеднички да почнеме да ги пронаоѓаме и санкционираме оние кои бесправно ја користат, но со тоа ја злоупотребуваат и Вашата и нашата потреба од вода. Бидете секогаш отворени кон нашите служби на терен. Нашиот инкасатор нека биде секогаш добродојден кај Вас. Само така можеме најбрзо да ги решаваме сите проблеми.

WebOhrid