25/04/2024
ДебрцаИнтервју

Интервју со Игор Крцоски – Манце, директор на ЈПК Дебрца

Во Општина Дебрца, веќе 4 месеци е променето општинското раководство, а промена има и Jавното претпријатие за комунална дејност „Дебрца“, со кое повеќе од еден месец како вршител на должност директор раководи Игор Крцоски – Манце.

Во интервјуто за WebOhrid, тој вели дека проблемите кои се провлекуваа за време на минатата локална власт остануваат приоритети за решавање и дека жителите на Општина Дебрца наскоро ќе ја почуствуват разликата и дека Дебрца ќе биде поубаво место за живеење.

WebOhrid: Какво е чувството да се биде прв човек на ЈПК Дебрца? Претставуваше ли предизвик да ја прифатите оваа раководна функција?

Крцоски: На самиот почеток дозволете да се заблагодарам на Вас и на Вашиот медиум за укажаното внимание и интерес за работата на ЈПК Дебрца. Ова е одлична прилика да ги споделам со вас и Вашите читатели мојата визија и замисла за работата на претпријатието.

Поаѓајќи од фактот дека се наоѓаме во Oпштина Дебрца, општина која е голема територијално, а со мал број на население, каде сите меѓусебно се познаваме, на оваа раководна функција гледам како на прилика директно да направам нешто што ќе го подобри животот на моите сограѓани. При самото стапување на функција и согледувањето на фактичката ситуација знаев дека се соочувам со голем предизвик, но и голема шанса да се сменат на подобро некои работи.

WebOhrid: Во каква состојба го затекнавте Јавното претпријатие, со какви проблеми се соочува и како тие ќе се решаваат?

Крцоски: Како жител на Општина Дебрца, уште пред станувањето директор на ЈПК Дебрца, бев свесен за одредени проблеми и аномалии со кои се соочува јавното претпријатие. Меѓутоа за добивање јасна и конкретна слика уште на самиот почеток знаев дека одговорите морам да ги добијам од самите вработени, со кои одржував информативни состаноци. Да бидам искрен, ситуацијата во која го затекнав претпријатието воопшто не е сјајна, а како пример ќе споделам само неколку конкретни ситуации: вработените функционираат во потпросечни услови, без немање на соодветна униформа, алати, механизација, возила, сето тоа не се предуслови од кои можеме да очекуваме ефикасно работење на претпријатието. Ситуацијата на терен исто така е алармантна со многубројни дефекти, недозавршени работи, неодржувани локални патишта. Сепак, сето ова може да се реши со подобра организациона структура и менаџирање, но она што најмногу загрижува е финансиската состојба. Претпријатието се наоѓа во прилично лоша финансиска кондиција со доспеани обврски кон добавувачите (заклучно со 31.12.2017) во износ од 7.173.356 денари, додека вкупните побарувања изнесуваат 6.366.498 денари од коие ненаплатливи, односно неоптужени побарувања се над 3.000.000 денари. Најголемиот проблем е со ЕВН Македонија, со долгот во износ од 3.850.101 денар, ситуација во која ние секој ден сме под опасност од исклучување од електричната мрежа. Тоа се должи на лошото менаџирање на претходното раководство, еве како пример ќе кажеме дека за претходната 2017 година, за потрошена енергија во износ од 1.766.953 денари, уплатило износ од само 342.791 денар.

WebOhrid: Поројните дождови и обилните врнежи од снег предизвикаа проблеми и во општина Дебрца. Колку претпријатието е подготвено да се справи со ваквите ситуации, дали поседувате соодветна механизација?

Крцоски: За жал, механизацијата со која располагаме како претпријатие, не е воопшто функционална, како што напоменав претходно, и затоа една од моите први заложби беше ставањето на постојната механизација во функција. Што се однесува на неодамнешните поплави како и врнежи од снег, вложивме максимални напори да одговориме на предизвикот, што со механизацијата која ја поседуваме, а дел и со ангажирање на приватни фирми. Сметам дека ако се земат сите услови во предвид, благодарение на одличната соработка која ја имаме со градоначалникот Зоран Ногачески и поддршката од Локалната самоуправа успешно се справивме со проблемите, а во иднина ќе настојуваме на подобрување на состојбата што се однесува на механизацијата. Овие временски непогоди и поминатото време на терен заедно со градоначалникот, беше и добра прилика да се согледаат работите од блиску, како би можеле да изработиме стратегија за во иднина и да се опремиме со соодветна механизација. По природа сум човек кој проблемите не ги гледа од далеку, туку настојува за нивно блиско согледување и решавање.

WebOhrid: Жителите од неколку села во Дебрца веќе долго време се соочуваат со недостиг на вода за пиење, особено во летните месеци. Имате ли план како ќе се решава тој проблем?

Крцоски: Свесни сме за сериозноста на овој долгогодишен проблем, и верувајте ова е еден од приоритетите не само на Јавното комунално претпријатие, туку на Општината и градоначалникот. Неговото решавање е во фокусот на вниманието, а со наближување на летната сезона се интензивираат разговорите, дискусиите и изнаоѓањето на решенија. Несериозно би било да се каже дека проблем од вакви размери може целосно да се реши во краток период, но наша цел и обврска е да понудиме времено решение засега и да не се доведеме во ситуација како минатата година кога жителите на овие села со денови немаа вода за пиење.

Планирани се средби со месното население на Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, а во меѓувреме се вршат испитувања на терен за нови извори на вода.

WebOhrid: Јавната чистота во Дебрца бара максимално ангажирање. Сепак станува збор за една голема општина. Колку претпријатието е подготвено да се погрижи за тоа?

Крцоски: Точно, иако е мал бројот на жители, територијално Дебрца е една од најголемите општини во Р.Македонија, и тоа несомнено ни претставува проблем, земајќи во предвид дека имаме само едно функционално возило за собирање отпад и тоа со многу мал капацитет и уште едно возило со поголем капацитет кое моментално е во фаза на поправка. Наша цел е јавната чистота да успееме да ја кренеме на едно повисоко ниво, преку пуштање во употреба на второто возило, кое воедно и ќе ги намали трошоците. Можам да кажам дека во периодот што следи самите жители на Општина Дебрца ќе ја почуствуват разликата која ќе биде плод на нашите заложби.

WebOhrid: Како оди наплатата на сметки?

Крцоски: Измина еден месец од моето стапување на оваа раководна функција и од она што досега можев да го согледам наплатата на сметки процентуално не е лоша, но има на што да се поработи. Преку поголема контрола на водомерите, мислам дека ќе се максимизира наплатата.

WebOhrid: Кои се приоритетите на ЈПК Дебрца во наредните 4 години?

Крцоски: Не би сакал да се повторувам, но секако дека најголемите заложби ќе ни бидат во насока на решавање на водоснабдувањето на Општина Дебрца, и обезбедување на здрава и чиста вода за пиење за сите жители. Ќе се потрудиме и за почиста и попријатна средина за живеење, а во краткорочните цели ни се и обезбедување на подобри услови и за самите вработени на ЈПК Дебрца.

За крај би сакал да порачам дека секакви предлози, сугестии, добронамерни критики се добредојдени, а мојот телефонски број и бројот на претпријатието е достапен за сите граѓани. Апелирам, граѓаните да се обраќаат за секој проблем, затоа што не можеме да ги решиме проблемите за кои не знаеме дека постојат.

Се надевам дека заедно ќе ја направиме Дебрца поубаво место за живеење.

WebOhrid