06/12/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со Кристина Крлеска Деспотоска – директорка на ЈП „Градски Пазар“ Охрид

Обезбедени се соодветни услови за работа во пазарот, намалени се непродуктивните трошоци, зголемена е наплатата и се насочува кон квалитетно, коректно и одговорно задоволување на потребите на клиентите како и потребите на граѓаните во рамките на оваа дејност, вели во Интервјуто за WebOhrid, директорката на ЈП „Градски Пазар“ Охрид, Кристина Крлеска Деспотоска. Таа вели дека приоритет и е градот да блесне во ново светло со најсовремен зелен пазар по којшто ќе бидат препознатливи и се надева дека трудот и настојувањето кои ги вложуваат ќе бидат позитивно оценети.

WebOhrid: Веќе 7 месеци сте директор на ЈП „Градски пазар“ Охрид. Каква беше состојбата  Јавното претпријатие, каква е сега, дали се соочувате со некакви проблеми и како тие ќе се решаваат?

Крлеска Деспотоска: Бев назначена за в.д. Директор на 10.11.2017 година на Ј.П. „Градски Пазар“. Како нов директор, првично ја скенирав состојбата на претпријатието и она што го увидов беше дека претпријатието не е во добра финансиска кондиција, поради одредени објективни и субјективни причини и тоа: зимскиот период, изградбата на новиот пазар, направени беа големи непродуктивни трошоци. Исто така во пазарот без разлика што дејноста се извршува на привремен простор, пазарџиите работеа во несоодветни услови. Како нов тим во претпријатието одма презедовме активности со кои им обезбедивме соодветни услови за работа во пазарот, ги намаливме непрудуктивните трошоци, ја зголемивме наплатата и се насочуваме кон квалитетно, коректно и одговорно да ги задоволиме потребите на нашите клиенти како и потребите на граѓаните во рамките на нашата дејност која ја обавуваме.

WebOhrid: На кои активности работи сега ЈП?

Крлеска Деспотоска: Поттикнати од идејата за овозможување на подобри услови како на купувачите на земјоделски производи така и на продавачите на истите низ градов, направивме ново зелено пазарче на ул.„Сирма Војвода“ бр. 7 кое започна со работа на 01.06.2018 година, со капацитет од 30 тезги. Ги обезбедивме сите неопходни услови потребни за нормално функционирање на пазарот. Истовремено сакам да напоменам дека ќе биде отворен и кванташки пазар во непосредна близина на ова пазарче. По скоро утврдување на нови локации низ градов, се преземаат активности и за брзо отварање на нови дисперзирани мали пазарчиња.

 

WebOhrid: Колкав е интересот за издавање под закуп на продажни места (тезги и штандови)?

Крлеска Деспотоска: Интерес за издавање под закуп на продажни места и понатаму постои, со тоа што во овој перид од годината е многу поголем и покрај тоа што сега Зелениот пазар е на многу помала површина од поранешниот. Затоа и го отворивме ова ново зелено пазарче за многу краток временски период, и во иднина анализирајќи ги потребите и желбите на граѓаните ќе продолжиме со отварање на мини пазарчиња и на други локации низ градот.

WebOhrid: Вие сте секојдневно во контакт и со тезгаџиите, но и со купувачите. Какви се нивните побарувања?

Крлеска Деспотоска: Во интерес за нашата работа е секојдневна консултација со пазарџиите т.е. нашите коминтенти нивните желби и побарувања. Пред се многу им значеше покривната конструкција која ја направивме, овозможување на што полесен и подобар утовар и растовар на нивните производи – роба до нивните продажни места – тезги и добро осмислен распоред на тезгите за подобра функционалност на пазарот, како и осветлувањето и хигиената. Тоа беа првичните желби и побарувања коишто ги остваривме.

WebOhrid: Во тек е изградбата на затворениот градски пазар во Охрид, капитален објект кој ќе овозможи современи услови како за закупците на тезги, така и за купувачите. До каде се работите и дали според вас, тој ќе ги задоволува основните потреби на современ пазар?

Крлеска Деспотоска: Секако дека првична цел на пазарот којшто е во изградба е задоволување на основните потреби на современ пазар, а овој пазар пред се ќе ги исполнува стандардите за трговија со земјоделски производи, подобрени ќе се условите за работа на понудувачите за продажба на своите производи. Изградбата сеуште е во тек, очекуваме за многу брзо и да се стави во функција.

WebOhrid: На повеќе локации низ градот има тезги. Дали сметате дека поставувањето на вакви локални „мини пазарчиња“ на повеќе места во градот би ја намалило гужвата во централното градско подрачје, конкретно на просторот од новиот Градски пазар?

Крлеска Деспотоска: Всушност тоа е и целта на поставување на дисперзирани мали пазари со кои искрено се надевам дека не само што ке ја намалат гужвата во централното градско подрачје, него ќе се наголеми функционалноста за купопродажба на земјоделски производи насекаде низ градов.

WebOhrid: Кои се идните приоритети на ЈП „Градски пазар“, која е Вашата визија за ова претпријатие и за што ќе се залагате?

Крлеска Деспотоска: Секако ние не застануваме тука. Приоритет ми е градот да блесне во ново светло со најсовремен зелен пазар по којшто ќе бидеме препознатливи, затоа што на овој град му е потребен еден ваков објект кој е од непроценливо значење и се надевам дека трудот и настојувањето кои ги вложуваме дека ќе бидат позитивно оценети.

WebOhrid: Избрана сте за претседател на Локалната аккциона група (ЛАГ). Кои се вашите очекувања?

Крлеска Деспотоска: Моите очекувања од ЛАГ-от се истиот да допринесе за економски развој на руралните подрачја на територија на Општините Охрид и Дебрца и истовремено подобрување на квалитетот на живот на жителите од руралните подрачја на двете општини. Своите цели ЛАГ-от ќе ги остварува преку градење на локално партнерство, вмрежување и мултисекторка соработка со цел заедничко поттикнување, планирање и имплементација на активности значајни за сите чинители на територија на ЛАГ-от. Значајно е да се напомене дека еден од приоритетите на ЛАГ-от ќе биде и обезбедување на оддржлива животната средина преку правилно управување со природните ресурси и искористување на обновливи извори на енергија.

WebOhrid: Ваша порака до јавноста!?

Крлеска Деспотоска: Секоја човечка работа свесно организирана, однапред планирана, систематски остварена, покажува одредени резултати. Ние тежнееме кон таа цел и тоа ќе го докажеме со проверка на извршеното и со увид во квалитетот што може да даде реална оценка.

WebOhrid