27/05/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со Вера Рауник – раководител на Одделението за управување со отпад при Општина Охрид

Интервју со Вера Рауник – раководител на Одделението за управување со отпад и регионални депонии во склоп на Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад.

WebOhrid: Колку време веќе постои Одделението за управување со отпад при општина Охрид?

Рауник: Одделението за управување со отпад и регионални депонии функционира во склоп на Секторот за заштита на животната средина и управување со отпад е од 2013 година. Согласно законските прописи во одделението се изготвуваат стратешки, плански и програмски документи за управување со отпад кои освен што треба да бидат усвоени од Советот на Општината, мора да бидат одобрени и од Министерство за животна средина и просторно планирање. Планските документите содржат процена на видот и количеството неопасен отпад што се создава на територија на општина Охрид, мерките и активностите за избргнување и намалување на количеството на создаден отпад,  мерки и активности за селекција на отпадот, мерки и активности за поттикнување на компостирањето на биолошкиот отпад, начините за едукација и подигнување на јавната свест кај граѓаните  за чувањето на животната средина.

WebOhrid: Со какви предизвици се соочувате во текот на работењето?

Рауник: Главен предизвик во реализација на планските документи, а и во тековното работење е секако справувањето со несовесни граѓани кои и покрај апелите од општината и јавното претпријатие за оставање на отпадот на локации предвидени за таа намера и понатаму отпадот го расфрлаат насекаде.

WebOhrid: На кој начин се одвиваат работите, во делот на прибирањето, рециклирањето и управувањето со отпадот во нашиот град?

Рауник: Одговорно претпријатие кое треба да ги реализира планските документи е ЈП„Охридски Комуналец“. Собирањето на комуналниот отпад се врши според динамика која е димензионирана согласно потребите на градот и фреквенцијата на сообраќајот и населението. Според годишниот календар се организираат и акции за подигање на кабаст и зелен отпад во пролетниот и есенскиот период, а се со цел да се избегне создавањето на мини депонии.

WebOhrid: Каде се рециклираат отпадните материјали кои се собираат?

Рауник: Согласно законската регулатива Општина Охрид заедно со јавното претпријатие определија две локации за одделно собирање на отпадна електронска и електрична опрема од домаќинствата каде крајните корисници ќе можат отпадната опрема бесплатно да ја предаваат. Собирните места се наоѓаат во просторот на јавното претпријатие, односно на локација на РЕ„Механизација“ каде се врши и собирање и балирање и на отпад од пакување, односно хартија и ПЕТ амбалажа, како и еден контејнер за одделно собирање на отпадна елетрична и електронска опрема на локација на РЕ „Паркови и зеленило“, од каде го подига овластен постапувач со тие видови отпад.

WebOhrid: Колку редовно и со каков интензитет се уредуваат парковите и останатите зелени површини во градов?

Рауник: Градското зеленило се одржува согласно динамиката предвидена во годишната програма за оджување и користење на паркови и зеленило до страна на јавното претпријатие, а опфаќа редовно  одржување тревните површини со косење, полевање, засадување сезонско цвеќе и негово одржување, како и одржување на постоечкиот саден материјал во парковите (кроење, режење и засадување на нови садници). Дрворедите долж сообраќајниците се одржуваат исто така со нивно навремено окопување, чистење од трева, полевање преку сезона и  кроење. Исто така на сите јавни површини се врши кроење на дрвниот фонд заради нивна превентива од оштетување од временски неприлики, болести и штетници, како и отстранување на опасни дрва заради заштита на материјални добра и луѓе.

WebOhrid: Какви активности се преземаат во секторот, во насока на подигнување на свеста на граѓаните за важноста од соодветно складирање и рециклирање на отпадните материи?

Рауник: Со адекватна едукација на граѓаните за примарна селекција и рециклирање, пред се’ на најмладата популација, односно со поставување на контејнери за рециклирање на комуналниот отпад во училиштата, со организирање на работилници за начини на користење на рециклабилни материјали во креативното изразување, ќе се зголеми свеста за поголема заштита на животната средина.

WebOhrid: Кои се идните планови за работа, и како тоа ќе се одрази врз понатамошниот процес на едукација за селекција на отпад?

Рауник: Во изминатиот период како и во наредниот заедно со лиценцирани постапувачи со различен вид на отпад, ќе се вршат едукативни работилници со цел подигање на јавната свест на најмладата популација, ќе се организираат акции за собирање на отпадна хартија и акцијата за пријавување на отпад од страна на граѓаните која трае преку цела година. Во наредниот период е предвидено поставување на поголем број на подземни контејнери  и прес контејнери со кои се осовременува начинот на собирање на комуналниот смет, на тој начин што од една страна со нивно пресување се остварува голема заштеда како во капацитетот на традиционалните контејнери за смет, така и во транспортните трошоци, а од друга страна се подобруваат хигиенско – санитарните услови, заради тоа што нема непријатни миризби и нема разнесување на отпадот. Исто така на поголем број локации се поставени  решетки за хартија, контејнери за пластика и  контејнери за стакло. За подигање на јавната свест кај граѓаните за искористувањето на органскиот отпад се изработи и дистрибуира брошура за компостирање во домашни услови. Согласно новата законска регулатива во наредниот период треба да се изработи зелен катастар за подрачјето на општината, стратегија за развој на зеленилото на подрачје на општината за период од 10 години, основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото како и годишна оперативна програма за одржување и одржување на зеленилото.

Весна Цветаноска / WebOhrid