27/07/2024
Македонија

Иванови со дипломатскиот кор на Водици во Дојран

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, синот Иван и членовите на дипломатскиот кор, учесници на традиционалниот дипломатски прием, денеска во Нов Дојран присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Најсреќен меѓу учесниците што влегоа во водите на Дојранското езеро по светиот крст беше Мите Пејков од Нов Дојран, којшто упати честитки до сите православни верници. „По крстот се фрлам досега девет пати, а по четврт пат успевам да го фатам”, рече Пејков, додавајќи дека чувството е неописливо. Претседателот Иванов на Пејков му подари крст од Гевгелискиот регион и нему и на неговото семејство им посака благосостојба, бериќет, здравје и успеси. Пејков доби подарок икона од рускиот амбасадор Олег Шчербак.

Претседателот Иванов на сите православни верници им го честиташе големиот христијански празник Богојавление – Водици.

„Богојавление е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот. Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста”, порача македонскиот претседател.

Задоволство од присуството на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици во Дојран, изрази рускиот амбасадор Шчербак.

„Нам ни е многу драго што денеска сме присутни овде, на брегот на Дојранското езеро, и што гледаме дека во Република Македонија, овој празник се одбележува масовно и со голема радост. На сите граѓани на Република Македонија, би сакал да им го честитам овој прекрасен празник, на сите да им посакам добро здравје, среќа, радост, благосостојба и стабилност”, рече амбасадорот Шчербак.

Вчеравечер во Гевгелија, претседателот Иванов, го приреди традиционалниот прием за членовите на дипломатскиот кор по повод новогодишните и божиќните празници.