Излезе од печат монографија посветена на манифестацијата „Прличеви беседи“

Излезе од печат монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952 – 2022) од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска.

Со издавањето на монографијата НУ Библиотека „Григор Прличев“ догодина во февруари ќе ја одбележи 70 годишнината од иницијативата за почеток на веќе култната манифестација „Прличеви беседи“.

Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“.

Ние, како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев.

Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети.

Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев,“ велат авторите Јованоски и Змејковска.

Издавањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.

Книгата ќе биде промовирана на јубилејните „Прличеви беседи“ во февруари, 2022 година.


 WebOhrid / 22.12.2021 / НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид