25/04/2024
Македонија

Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните

Министерката за образование и наука рената Дескоска денеска присуствуваше на завршниот настан на проектот финансиран од Европската Унија „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните”. Главен корисник на овој проект кој е имплементиран од Британскиот совет и неговите партнери од конзорциумот, е Министерството за образование и наука.

Во своето обраќање Дескоска изјави дека денес во светот постои општа согласност дека знаењето е основна движечка сила на општеството и главен предуслов за напредок.

„Доживотното учење е обврска на современиот човек, бидејќи глобалната економија постојано се менува и има потреба од нови квалификации. Предизвиците на брзиот развој на новите технологии и знаења, процесот на глобализација, демографските трендови, честите промени на пазарот на трудот, зголемените потреби од висококвалификувана работна сила, ја наметнуваат потребата од доживотно учење и воспоставување на флексибилен, отворен систем на образование, кој на секој поединец му нуди разни можности за образование, напредување и признавање на претходно стекнатите знаења“, рече министерката Дескоска.

„Министерството за образование и наука и јас како министерка, ќе работиме на создавање на стандарди и квалитетни програми кои ќе можат да се применат на пазарот на труд. Образовните профили кои се производ на нашиот едукативен систем, треба да одговараат на потребите на стопанството. Наша обврска е да ја зајакнеме врската помеѓу потребите на стопанството, пазарот на трудот и стручното образование. Ова е значајно бидејќи, покрај теоретските познавања, неопходна е и стручна пракса. Квалификуваната работна сила е клучот за одржлив развој и стабилност на една држава. Мора да обезбедиме настава која што ќе нуди практични вештини со цел учениците кои што ќе завршат средно стручно образование да може да се вклопат на пазарот на трудот“, потенцираше министерката Дескоска.

Во поглед на образованието за возрасни, во рамките на проектот е подготвена Стратегијата за образование на возрасни 2018 – 2022, при што беа ревидирани 15 програми за образование на возрасни, а беа сертифицирани и 48 обучувачи на возрасни. Во рамките на проектот е подготвена и првата Националната стратегија за доживотно учење 2018-2022 во Македонија.