17/04/2024
Охрид

Јавна расправа за оправданоста од долгорочно задолжување на Општина Охрид

Денеска во Општина Охрид беше одржана Јавна расправа во врска со Физибилити анализата на оправданоста за долгорочно задолжување на општината, во насока на намалување на долгот и враќање на финансиската стабилност.

На расправата се дискутираше за придобивките и ризиците од ваквиот начин на раздолжување, кои беа дадени во физибилити анализата и за сите детали од досегашниот процес на раздолжување, врз основа на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.

– Раздолжувањето на општината, беше еден од најважните приоритети на кои бевме исклучително посветени во текот на изминатите две години и благодарение на поддршката и помошта од Владата на Република Северна Македонија, долгот на општината е намален за повеќе од една милијарда денари. Во 2017 година, долгот на Општина Охрид изнесуваше 1.573.036.905 денари, а во моментот вкупниот долг на изнесува околу 470.000.000 денари. Продолжуваме со процесот на раздолжување во согласност со сите финансиски препораки и релевантни експертски анализи и се надевам дека ќе успееме да оствариме евидентен успех. Тоа ќе биде една добра основа за развој и напредок на општината, на сите полиња, потенцираше меѓудругото градоначалникот Константин Георгиески, во своето излагање пред присутните.

Претходно, согласно законската регулатива, Физибилити анализата на оправданоста за долгорочно задолжување на општината беше јавно објавена, со цел граѓаните да бидат консултирани и да може да се вклучат со искажување на свои ставови, мислења и предлози за издржливоста на одлуката за раздолжување, по пат на кредитно задолжување од деловна банка.