06/11/2024
Охрид

Камерниот оркестар „Академија на солисти“ вечерва на „Охридско лето“

Камерниот оркестар „Академија на солисти“  од Казахстан  е вечерашната музичката понуда на фестивалот „Охридско лето“. Во рамките на концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапат  дуото пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани од Италија и виолинистката Ајман Мусакјајева од Казахстан под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.

На програмата се дела од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе.

Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети. Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби. На музичката сцена заедно се појавуваат во 2006 година и оттогаш доживуваат стотици концерти во најпрестижните сали и најголемите фестивали во светот. Во 2014 година го издаваат својот прв компакт- диск, целосно посветен на музиката на Франц Шуберт.

Ајман Мусакјајева е еден од најзначајните претставници на виолинистичката школа на Казахстан. Музика започнува да учи во Казахстан, а своите студии ги завршува на Московскиот конзерваториум. Постојано е активна на музичките сцени во светот, соработувала со голем број значајни музички имиња и оркестри. Мусакјајева е основач на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан. Добитник е на повеќе награди на престижни интернационални натпревари, како и на повеќе признанија.

Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди. Во текот на својата кариера соработувал со некои од најзначајните оркестри на денешницата, настапувајќи притоа на голем број познати музички сцени, а  соработува и со еминентни изведувачи од целиот свет. Од 1999 година Емилсон седнува на позицијата уметнички директор и шеф-диригент на Камерниот оркестар во Тубинген, а по ова, на местото шеф-диригент седнува и пред неколку други значајни оркестри, како камерниот оркестар „Сук“ и оркестарот „Камерата Бохемика“ во Прага, Тајландскиот филхармониски оркестар и др.

Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година, од страна на виолинистката Ајман Мусакјајева. Членовите на овој ансамбл се млади музичари, виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ на своите настапи изведува музика од најразлични епохи и стилови, но, пред сè, се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.