01/05/2024
Охрид

Кандидатот за градоначалник Милошевски со честитка по повод празникот Велигден

По повод празникот Велигден, кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, со видео-обраќање упати честитка до граѓаните.

„Драги мои сограѓани, Воскресението Христово – Велигден е светол празник и нема поголема радост од триумфот на љубовта над омразата, надмоќта на надежта над очајанието, вечната победа на животот над смртта.

Славејќи го денот кога Исус Христос воскресна, го славиме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме вербата во вредноста на покајанието и на прочистувањето.

Велигден е празник на семејството и ближните, затоа на сите верници им посакувам топлина во домот и светлина во пораката која треба да ја шириме за човечност, мир и разбирање.

Ова е ден кога кај секој од нас повторно се раѓа надежта за поубав свет, за поубаво утре. Да имаме смелост да го прогониме стравот. Да биде секогаш во нас верата зашто од нашите желби и мечти зависи утрешниот наш ден.

Нека светлината на Христовото Воскресение Ви ги осветли вашите срца, а неговата бесконечна љубов, го благослови вашиот живот и вашиот дом.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ, НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!“ – истакна Милошевски во своето видео-обраќање.