22/06/2024
Охрид

Ќе се одбележат 100 години од раѓањето на Димче Маленко

На втори октомври во среда НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ќе одбележи 100 години од раѓањето на писателот и поет Димче Маленко.

Роднокрајниот автор романсиер и раскажувач Димче Маленко е роден во Охрид на 21-ви септември 1919-та година. Осмолетка завршил во Охрид. Петгодишна Машка учителска школа завршил во Белград 1938 година. До 1941-ва година студирал Педагошка група предмети на Филозофскиот факултет во Скопје, (запишувајки VI-ти семестар). Бил активен учесник во НОБ е од 1941-ва година. За тоа време категорички откажал да му служи на окупаторот. За време на војната дејствувал во позадина и како партизан. По ослободувањето бил раководител во просветата и културата во Охрид или на професорска должност, кога вонредно завршува и Филозофски факултет-група Македонски јазик со книжевност, во Скопје. Во 1965-та година е пензиониран како учесник во НОБ. За сето време живее и работи во Охрид. Член на Друштвото на писатели на Македонија е од 1971-ва година.

Почина во Охрид во 1990-та година.

БИБЛИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ

Првично Маленко пишува поезија. Во периодот 1939-1944-та година настанала збирката поезија „МАЧНИЦИ“ но, успева да ја објави дури во 1983-та година. Во списанието „Културен живот“ ги објавил драмите „САМУИЛ“ (1969-та година); „ПРОКУДЕНИК“(1972-ра година); „РАНИ РАСКАПИ“ (1987-ма година) и едночинката „УНЕР“ (1976-та година).

Меѓутоа, Димче Маленко првенствено е романсиер и раскажувач. Во таа своја жанрова определеност го објавил романот од НОБ „СЛОБОДОЉУБИВИ ЧОВЕКОЉУПЦИ“ („Наша книга -Скопје“ 1972); Збирката новели „Паркот на Јоновци“ („Мисла – Скопје“ 1973); Објавувал раскази во македонската периодика, меѓу кои „Огнено раѓање на слободата“, „Ојлуле“, „Астар“ и други. Постхумно во 1994-та година е објавен романот „Вознемирен водосвод“.

Пишува оценки, белешки од литературна критика, есеистика и фолклористика, та последното издадено дело за време на животот му е „Охридската народна песна и приказна“ („Радио Охрид“ 1989-та година).

Димче Маленко е и значаен општествен и културен деец. Бил учесник или директен иницијатор за создавањето на бројни манифестации како „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“, „Прличеви беседи“, како и на неколку културни институции во Охрид – Библиотеката „Григор Прличев“, народниот универзитет „Кузман Шапкарев“ , охридскиот театар од педесеттите и други. Целиот свој животен век го посветил на подигање на културното живеење во Охрид и Македонија, подигање на нивото и богатството на македонскиот литературен јазик, чиј добар познавач беше, што може да се забележи со читањето на неговите дела.

По повод 100 годишнината од раѓањето на Маленко неговите најблиски синот и ќерката Петар Маленко и Убавка Упевче создадоа веб страница www.dimchemalenko.com на која има низа интересни факти од живот и творештво на нивниот татко а за прв пат е објавен и неговиот драмски текст „Лути сме или луѓе сме“.

За животот и делото на Маленко во среда, во Библиотеката ќе зборува проф. Славе Ѓорѓо Димоски – поет а модератор ќе биде Милчо Јованоски.

Настанот ќе се одржи во Прличевата одаја на Библиотеката со почеток во 12 часот.