26/04/2024
Охрид

Кривична пријава за охриѓанец поради измама

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против С.Б. (33) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ казниво по член 251-б став 1 и став 6 од Кривичниот законик на Република Македонија.

С.Б. набавил и овозможил користење на незаконска SIMBOX опрема и притоа вршел сомнителна електронска комуникациска активност во радиофрекфенцискиот опсег доделен на еден мобилен оператор. Со ваквата активност, во периодот од 01.10.2017 до 17.11.2017, С.Б. се стекнал со противправна имотна корист од 3.950 евра, а на штета на мобилниот оператор. Притоа, од идентификуваните 114 повикувачки (simbox) броеви преку мобилната комуникациска мрежа на мобилниот оператор реализирани се 3.030 појдовни повици со времетраење од 24.993 минути, кои се терминирани во мрежата на споменатото друштво.

На 17.11.2017 година, по претходно добиена судска наредба, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши претрес во стан во Скопје каде биле регистрирани правните субјекти со кои раководи пријавеното лице. При претресот било утврдено постоење на активна SIMBOX телекомуникациска опрема, која била одземена и доставена до надлежното Јавно обвинителство.