27/04/2024
Спорт

Македонија ремизираше со европскиот првак Италија

Македонската A фудбалска репрезентација останува нерешлива енигма за големата Италија. Против актуелниот европскиот првак, Македонија на Националната арена „Тодор Проески“ одигра 1:1.  

„Аѕурите“ важеа за големи фаворит на вечерашниот дуел во Скопје на дебито на новиот селектор Лучијано Спалети, ама се враќаат дома само со еден освоен бод.

На тешкиот терен на националната арена „Тодор Проески“ видовме возбудливо, борбено прво полувреме на кое му недостасуваа само голови. Миовски имаше голема прилика за Македонија, а на спротивната страна Имобиле беше најопасната закана. Во продолжението, веќе во 47. минута гостите го отворија резултатот преку напаѓачот на Лацио, Имобиле кој се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата на Димитриевски.

Нашата репрезентација одлично одговори на водството на Италија. Доминиравме, имавме неколку опасни напади преку Барди и Елмас, а наградата стигна во 81 минута кога капитенот Барди со мајсторија од слободен удар го израмни резултатот. 


WebOhrid / 13.09.2023 / ФФМ