18/05/2024
Спорт

Македонија славеше над Фарски Острови

Репрезентацијата на Македонија славеше над Фарски Острови со 1:0 на пријателскиот натпревар одигран на Нациналаната арена „Тодор Проески“ во Скопје на првиот меѓусебен дуел во историјата. Бојан Миовски со гол во второто полувреме беше човек на одлука на мечот.

Првите дваесетина минути од натпреварот минаа без шут во рамки на голот, со по една полушанса на двете страни. Но, обидите завршија далеку од головите на Шишковски и Рејнатрод.

Во 25. минута, Етеми доби длабочинска топка, мина крај голманот Рејнатрод и погоди, но погодокот беше поништен поради офсајд. Се играше 28. минута, кога судијата Савовиќ не покажа на белата точка по очигледна игра со рака на еден од дефанзивците на Фараните по центаршут на Стефан Ристовски.

Потоа, пристигна и првиот шут во рамки на голот кога се обиде Несторовски, но Рејнатрод беше сигурен. По првата конкретна акција и контра, во 37. минута, Езѓан Алиоски имаше прекрасна можност за гол ама топката заврши во пречката од голот на Фарски Острови. Првата шанса гостинот ја имаше дури во 40. минута, преку Стефан Радосављевиќ, кој шутираше високо над пречката од близина на пеналтикот од голот на Македонија. Тоа беше се за првото полувреме на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Првата можност во вториот дел ја имаше Македонија. Дарко Чурлинов во 50. минута изведе еден слалом, претрча сам половина терен, но шутот по земја беше млак и тоа не беше проблем за голманот на Фарските Острови. Следеше и двојна измена, Миовски и Елмас влегоа во игра на местото на Несторовски и Милан Ристовски. Тоа донесе мало раздвижување во играта, но повторно недостасуваше реализацијата. Блокот во одбраната на Фараните функционираше добро при секој наш шут од далечина.

Следеше нова двојна замена, во игра влегоа и Давид Бабунски и Агон Елези за да го раздвижат средниот ред. Токму Елези во 75. минута влезе во убава шанса за гол, но не ја зафати топката како што треба. Деби забележа и Јован Манев кој влезе на местото на Дарко Велковски, а заменет беше и Дарко Чурлинов со Ашковски. Во 79. минута најдобрата шанса на мечот ја имаше Ељиф Елмас. Играчот на Наполи излезе пред голот на Фараните, но шутираше во нозете на голманот Рејнатрод кој ја сочува својата мрежа недопрена.

И конечно во 81. минута падна одбранбениот бедем на Фараните. Бојан Миовски излезе сам пред голманот откако доби една топка од Ашковски и го совлада по земја. Тоа беше се до крајот на натпреварот, затоа што Македонија не дозволи да ја пропуште победата пред домашната публика.


WebOhrid / 27.03.2023 / ФФМ