27/04/2024
Охрид

Меѓународна научна конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“

Денес во хотел Метропол во Охрид свечено ќе се отвори 9-тата по ред дводневна Меѓународната научна конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции„ која е една од најголемите од ваков тип во регионот, а ја организира Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на Фондацијата „Ханс Зајдел„ од СР Германија и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, а под покровителство на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Конференцијата ќе ја отворат Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Потпретседателот на Собранието на Република Македонија д-р Фросина Ташевска Ременски, Директорот на Фондацијата „Ханс Зајдел„ за Југоисточна Европа д-р Клаус Физингер, Претседалот на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милевска Стефановска и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски.

На конференцијата ќе присуствуваат професори од над 15 тина земји меѓу кои од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Белгија, Бугарија, Словачка, Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Обединетите Арапски емирати, Косово и други.

Конференцијата содејствува со потребата од суштински реформи во безбедносниот систем на Република Македонија. Се покануваат претставниците на медиумите да присуствуваат на свеченото отворање.

Мисијата на конференцијата е да се поттикнат академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може на истите да им се даде научно-истражувачка димензија.

Научниот собир во Охрид треба да понуди решенија за идната поставеност на безбедносните систем со цел ефикасен одговор на современите ризиците и заканите по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.

Мисијата на конференцијата е да се поттикнат научните, истражувачките работници во размена на нивните сознанија за науката која треба да ги разоткрие потребните по безбедноста, воедно утврдување на безбедносните реформи и избор на соодветен безбедносен концепт на функционирање, како еден од предусловите за евроатлански интеграции на земјата.

Факултетот за безбедност-Скопје во соработка со надлежните институции како Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и други има клучна улога во унапредувањето на безбедносниот систем. Воедно има за цел да влијае врз зголемување на безбедноста и стабилноста во Република Македонија преку учење, создавање на професионален кадар, спроведување на истражување и на најдобрите практики во процесот на реформи на безбедносниот систем на земјата.

Темата за реформите на безбедносниот систем се наметнува пред сè од рационални, економски, безбедносни и причини кои се поврзани со модифицирање на безбедносните закани и новото безбедносно опкружување. Перспективите на реформираниот безбедносен систем во Република Македонија се поврзани и насочени кон остварување на стандарди за влез во Европската унија и НАТО.