04/05/2024
Македонија

Мицкоски: На народот му треба надеж, проекти, понуда за подобар живот, да се обединиме и да ја вратиме Македонија која ја сакаме

Добра вечер Македонијо,

Добра вечер граѓани на Македонија,

Добра вечер ВМРО-ДПМНЕ,

Добра вечер за коалицијата „Твоја Македонија“, најголемата политичка коалиција некогаш форморана во Македонија,

Добра вечер браќа и сестри,

Каква глетка. Каква атмосфера. Каква енергија.

ПОБЕДУВАМЕЕЕЕЕЕ!!!

ПОБЕДУВАМЕЕЕЕ!!!

Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе им покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме Македонија, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија.

Го подигнуваме ова наше финално патување на почетокот на пролетта. Кога природата се буди, кога сонцето почнува посилно да сјае.

Се сеќавате како почнавме. Низ какви перипетии поминавме и како партија, и како држава. Какви подметнувања, опструкции, деструкции, обиди за рушење на ВМРО, и обиди за уништување на се она што значи македонска идеја, сон за држава со свој идентитет и вредности, што се не се обидоа да направат, што се не пробаа да сторат за да не нема.

Какви се не сценарија смислуваа и се уште смислуваат.

Сакаат да не нема. Мислеа дека ние сме само поединци, неразбирајќи дека нивниот противник не е личност, туку идеја, идеја која живее во секој од нас. Сакаа да не обесхрабрат, демотивираат, уживајќи во апатијата која сами си ја создадоа.

Но, ЕВЕ СМЕЕЕЕЕЕ!!!!!!!

ПОСИЛНИ ОД БИЛО КОГА! СТОИМЕ ГОРДИ, ИСПРАВЕНИ И ОБЕДИНЕТИ. Сложни, со јасна заедничка цел!

ИДЕЈАТА НЕ МОЖАТ ДА ЈА УНИШТАТ. Нашата идеја браќа и сестри се вика Македонија! Тоа е нашата идеја!

А, нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот! И да ја одземеме од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ!

Проблемот на Ковачевски, е што државата му ја подари на Али Ахмети и тоа на тацна. 20 години нема ниту еден човек кој од ДУИ одговарал. А, денес државата е во нивни раце, а нивните измеќари од СДСМ се спремни да ја платат секоја цена само да ја задржат фотелјата, и не прашуваат колку чини таквата распродажба на Македонија.

Едно општество за сите кое го преставуваа за врвен концепт, прерасна во општество за СДСМ и петорица главни во ДУИ кои одлучуваат за се што е важно во Македонија.

Ја руинираа државата, нема веќе систем, нема држава, Македонците се граѓани од втор ред, и не само Македонците, граѓани од втор ред се сите други граѓани без разлика на етничката припадност, дали се Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, сите од оваа држава кои не се Артан, или негови другарчиња, кои не се Бујар или негови другарчиња, кои не се Зечевиќ, Маричиќ, Али Ахмети и Димитар Ковачевски и нивните 100-тина разбојници, кои ја уништија нашата Македонија, сите освен нив се граѓани од втор ред.

Владее хаос. Анархија. Банди се пукаат по улици, дрогата царува, криминалот цвета, непотизам насекаде, правда никаде, на добар пат сме Косово да е побезбедно и понапредно од нас. Да не ги познававме ќе мислевме дека тоа и им е целта. Да сме последна дупка во регионот, луѓе да се иселуваат масовно и да нема никаков систем и ред.

Правеа заговори, сакаа да не нема, сакаа да прават малцински влади, правеа тајни средби за кои мислеа дека нема да дознаеме, коваа планови како да не надитрат и затоа што не можат да не победат, пробуваа било што само за да можат да останат што подолго на власт. Почнаа со приказни дека после изборите ќе била мала разликата, па видоа не оди, после тоа велеа дека ќе сме победеле, но немало влада да направиме, дека ќе се собереле сите албански партии и нивниве измеќари од СДСМ така и ќе направеле влада. Веќе ни самите не веруваат во тоа. Се зборува дека почнале од оваа зграда да ги пакуваат куферите, дека почнале да уништуваат материјали. Вознемиреноста им се гледа од авион.

Победникот на овие избори браќа и сестри, заедно со вас, народот на Македонија, е ВМРО-ДПМНЕ. А, вистинската сила за промени е токму оваа политичка структура со коалицијата „Твоја Македонија“. Влада ќе прави ВМРО-ДПМНЕ и никогаш нема да ја изиграме волјата на народот. Доаѓа победа голема како планина. Македонија браќа и сестри да ја направиме повторно горда.

Драги пријатели,

Во купот обврски и подготовката на изборите, успеав да видам дел од конвенцијата на Стево Пендаровски. Главната порака од конвенцијата беше дека Стево не крадел. Замислете каков напредок е тоа и каков врвен успех е тоа што сам си се прогласи дека не крадел. Па се подразбира дека тоа не треба да се прави и не знам дали човеков очекува Нобелова награда за тоа, но самото потенцирање на тој факт во услови кога корупцијата галопира значи само дека Стево индиректно ни порача дека владата краде, ама не и он. И во таквиот занес во салата и продавање на магла сите аплаудираат на овој огромен успех, само еден молчи, Миле Зечевиќ, тој не аплаудира. Зошто не аплаудира? Си знае он, разбра колку е саатот и што е пораката. А, тоа дали и колку крадел допрва ќе видиме веднаш после изборите, тоа допрва ќе се провери, затоа што мора да има одговорност за секој кој се огрешил кон законот.

И е јасно е дека Стево Пендаровски освен тоа што цел мандат го помина како аналитичар без свое ја, а не претседател и личност со интегритет, ќе загуби катастрофално. Толку силно што во вториот круг нема да му се оди на избори. Овој Стево кој што ја прифати улогата на губитник, во неговото опкружување најмногу се плашеле од тоа како ќе го смират после првиот круг и како ќе го натераат да ја приврши кампањата до крај.

Па од тука сакам да упатам јавно прашање до Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски доколку разликата во првиот круг помеѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и поразениот Стево Пендаровски биде со шест цифри,  дали тогаш Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски ќе излезете и докрај ќе се борите за да изгубите целосно во вториот круг на претседателските избори или кукавички ќе бојкотирате? Зошто ова го прашувам? Затоа што видовме дека изминативе години се спремни и подготвени на секакви сценарија кога знаат дека ќе загубат.

Нема битка која ја добија, и нема пораз во политиката кој не го прогласија за голема победа. Францускиот предлог ни го преставија како голем успех, а всушност е јамката околу вратот на Македонија. Самите ја отворија дебатата околу потеклото на нашите дедовци и прадедовци, додека ги губиме нашите деца кои за жал поради овие политики на владата на СДСМ и ДУИ заминуваат од нашата Македонија. Удираат по темелите, а Бугарија ја користи слабоста на македонската влада. Создадоа раздори и кавги. И овозможија на Бугарија Македонија и историското ВМРО да го гледаат како дел од нивната историја, а тоа главниот елемент од нашата македонска историја што самото по себе покажува дека имаме различна историја. Кажуваат дека имаат план за ЕУ ама не го кажуваат кој е планот, и како ако до сега не обезбедиле две третини за смена на Уставот како ќе обезбедат кога ќе бидат 30 пратеници во парламентот сите тие на купче заедно. Планот нивен за ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот па после што биде нека биде. Тоа браќа и сестри, почитувани граѓани, не е план за ЕУ тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот купи ден продај. Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите. Македонија не смее повеќе да губи и мора да ја направиме повторно горда.

И имаме човек кој ќе води и на меѓународна и на домашна сцена. Професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него. Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставно право и политички систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија и треба претседател, а не измеќар на ДУИ. Времињата се тешки, но изборот никогаш не бил појасен. Заокружувајќи го бројот 2 и поддршката за Гордана Силјановска Давкова на овие избори за претседател подразбира избор за Македонија која ќе биде повторно горда, за Македонија. Македонија  која ќе има цврсти ставови и кичма која нема да се витка. Професорке поминавме многу, ова е последниот круг, вие никогаш не се откажавте од вашата верба во правото, во човечкиот потенцијал да ги менуваме работите и оваа кампања ја почнуваме со голема верба во народот на Македонија и мотив да победиме за да градиме заеднички иднина за народот и Македонија!

Драги пријатели,

Оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана кон понуда, план за излез од кризата, а нема да се занимаваме со нашите противници. Од другата страна гледам дека СДСМ очајнички прибегнува кон црна кампања, кон измислување и фалсификување на документи. Тие во отсуство на сериозна програма во ситуација кога цела јавност знае дека нивниот збор не држи, дека немаат ниту еден резултат, ниту еден успех, туку само скандали и корупција, тие прибегнуваат кон црна кампања.

Светлото е секогаш посилно од темнината. На народот му треба наддеж, проекти, понуда за подобар живот. Гледаме од власта дека имаат понуда на фалсификувани листови хартија, непостоечки записници кои изобилуваат со детски грешки, многу невистина. Изворот на таквите вести, внимавајте добро, оваа порака е многу важна, изворот на таквите вести е еден балкански мешетар и контрактор со потекло од Израел кој скапо го платиле со украдените пари од тендерите кои ги местат и го крадат народот. Тој мешетар е познат по таквите измислувања и фалсификувања и ширење лажни вести. Ова го кажувам за да не наседне ниту народот ниту пак медиумите на ваквите лаги, и го кажувам ова за да знае и Ковачевски дека истиот човек пред да отиде кај него, беше кај мене и ми понуди да прави фалсификати документи за власта кои ќе ги продаваме во јавноста за големи скандали. Мојата порака кон овој мешетар беше јасна, јас во политиката влегов да градам и поправам, а не да растурам и расипувам работи или терам црни кампања. Така силно го избркав од мојата канцеларија што го промаши и излезот од просторијата. Но еве гледам си нашол тезга кај СДСМ, кај Ковачевски и Пендаровски и така среќно си фалсификуваат документи и наводни записници. Но еве пораката до Ковачевски и Пендаровски, да не остане некажано. За неколку недели од денес, внимавајте добро што кажувам, да не биде дека не сум кажал, за неколку недели од денес ниту едниот ниту другиот ќе имаат државна функција, ниту едниот, ниту другиот ќе се кријат позади имунитетот. И треба да знаете дека фалсификување е кривично дело и за тоа кривично дело се лежи, ви кажувам за да не излезе дека не сум ви кажал, и не сум ве предупредил, за неколку недели од денес.

Почитувани,

Знам дека големината на нашите предизвици е еднаква на слабоста на сегашните политичари. Знам дека сите граѓани на Македонија, без разлика на партиска, верска, етничка припадност се гладни за нови идеи, за нова политичка енергија, за едно ново водство кое ќе ја промени реалноста во која се живее. Тоа го гледам во очите на граѓаните со кои се сретнувам, низ цела Македонија. Гладта за нов вид на политика. Сега сме многу блиску до тоа. Поради вас. Поради вашата поддршка и енергија. Македонија повторно ќе работи, Македонија повторно ќе напредува, во Македонија повторно ќе има Правда, Македонија ќе се развива, ќе просперира… Македонија повторно ќе биде ваша! На нејзните граѓани.

Не можеме да си дозволиме лагодност на нашето однесување, лежерност и спокојно да ја чекаме победата и да ја чекаме власта. Не! Мора да ја заслужиме власта, мора да знаеме дека се бараат брзи резултати од нас, затоа што предолго овие генерации чекаа нешто да се подобри, а завршуваа со разочарувања. Премногу време е загубено. А заслужената власт значи одговорна власт.

Нема запирање. Нема запирање сега. Не кога толку е блиску победата и кога промените се на дофат на народот. Ни еден ден, ни еден час, ни една секунда одмор не смее да има. Нашата борба допрва почнува. Борба да се докажеме, борба да работиме за народот, и да ја оправдаме неговата доверба. Ве замолувам, барам од вас – Донесете ги промените, тие се во ваши раце. И нема ништо што е недостижно, шансата е ваша и на дофат. Бидете дел од овие промени. Знам дека ќе има таков бран, дека такви промени се возможни затоа што тоа го гледам тоа го гледам целиот изминат изминат период. На народот му е доста од измами, доста од безредие, доста е од хаос и корупција. Овој народ се спротивставувал секогаш во тешки моменти. Секогаш знаел да се избори за своето. Имам привилегија да ја видам таа желба за промени од редиците во продавниците, до редиците за вадење пасоши, до редиците по болниците, по халите од фабриките, во канцелариите на бизнисмените, по училиштата, факултетите, насекаде. Јасно е дека промените доаѓаат. Народот си го бара своето. И сака да си ја врати државата во свои раце.

Ајде да зборуваме малку за надежта.

Таа е најважна, и таа произлегува од борбата со проблемите и секојдневието во кое сите ние ја имаме. Јас имам надеж, јас верувам во вас, во вашата сила, во нашата заедничка сила да направиме подобро, да направиме нешто, да оставиме трага со која сите ние ова генерација ќе се гордееме. Да покажеме дека имаме вредности, дека сме достојни за држава, и дека сите ние заедно сме подготвени да ја градиме од ново нашата држава, врз руините на институциите кои ги срушија, да ја издигнеме новата република гордо и достоинствено. И можеби работите ви изгледаат невозможни, како далечен сон, или мрачни денеска, но држејќи се за надежта и вербата вон нас самите, утрешнината ќе биде светла, доаѓа ново утро, нова енергија за сите нас. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освета, не се промени за поделби. Тоа се промени во кои надежта го победува стравот. Заедништвото ги победува поделбите. Промени во кои ВМРО ќе го оправда своето име, како идеја која е столб на македонската држава. Ви ветувам дека со напредокот и промените ќе се победи апатијата, и статус квото, и ќе излеземе како граѓани посилни и обединети, како едно, и ќе испишеме заедно една нова историја на успеси и победи, со која сите ќе се гордееме. За тоа се бориме, тоа се нашите промени кои се потребни и во кои мора да верувате и може да верувате.

И сакам да апелирам до сите вас тука, до оние кои не гледаат преку медиумите, до сите поединци, без разлика за кого сте биле до сега или од каква етничка припадност сте, до сите оние кои веруваат дека може и мора да ја вратите енергијата на промените, зборувајте со вашите соседи, со вашето семејство, пренесете го нашиот глас, гласот на разумот, надежта и реалноста. И сите вие спротивставете се на сите лоши сценарија, кои и покрај кладбите на многумина дека од ова држава не бидува, сепак со гордо крената глава ќе кажеме ИМАМЕ ДРЖАВА И ТАА Е НАШАТА МАКЕДОНИЈА, ТАА Е НАША и се гордееме со нејзе!

Убедувајте ги вашите пријатели и блиски дека ако застанете до мене на овие избори, победата ќе биде историска, победата ќе биде заедничка, и заедно ќе ја промениме реалноста овдека во Македонија и ќе успееме.

Ако се уште има некој кој не верува дека е возможно, дека соништата не може да се остварат, дека нема да ја биде Македонија, и ако има дилеми за иднината, сакам од тука да му порачам, има надеж, верувај во себе, силата е во секој од вас, во секој од нас. Можеме и јас ви ветувам дека ќе успееме во името на Македонија и овој народ.

Работата е едноставна или ќе се отседи дома и ќе се награди ова владеење или со пенкалото ќе се победи овој систем во распаѓање и ќе се одбере патот на промените. И најголемата и единствена сила за промени е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија. Се друго или завршува со партии кои се инсталации на власта или пак луѓе кои се без сила за промени. Затоа не го трошете вашиот глас за овие опции, гласајте за ВМРО-ДПМНЕ, гласајте за Гордана Силјановска Давкова, гласајте за победничката коалиција „Твоја Македонија“.

На крај сакам да упатам неколку јасни и прецизни пораки.

ПРВО. Прочитајте ги принципите и столбовите за кои се залага професорката Гордана Силјановска Дафкова. Прочитајте ја и програмата платформа 1198. Твојата поддршка за Платформа 1 198 е повеќе од клучна за да се реализира визијата за изградба на подобро општество кое е изградено и им служи на врховниот суверен – граѓаните! Оттаму, почетната премиса на овој длабоко обмислен политички проект е дека промените се во твои раце. И подобриот живот е во твои раце!

Оваа програма се раѓа од длабоката посветеност кон развој, квалитетен живот и поставување на луѓето во самото срце на на нашата политика.

Имам порака до пензионерите, секогаш ќе се грижиме за вас, вие сте биле тоа што сме, ќе бидеме што сте. И вие добро знаете дека вашето достоинство го нарушува неодговорното владеење. Притиснати сте со проблеми и наместо на вашата возраст да ги минувате најубавите времиња и уживате во плодовите од вашата децениска работа, принудени сте да протестирате за правата кои ви следуваат. Ќе ги покачиме пензиите за 5 илјади денари, но и е го вратиме достоинството на пензионерите. Верувајте во нас и дајте ја вашата поддршка.

Порака до младите, не се откажувајте од Македонија, сметаме на вас, без вас и без вашата енергија нема промени. Потребни сте за новото време кое доаѓа. Ќе овозможиме заедно да ги остварите вашите соништа, тука да ја градите вашата иднина и среќа. Вклучете се во промените и дајте го вашиот глас. Одберете сила која може да го порази и промени системот во распаѓање. Верувајте во луѓето кои вистински можат да го подобрат вашиот живот и да донесат повеќе среќа за сите.

Порака до работниците…. инфлацијата ги јаде платите. Знам дека сте незадоволни и барате но и заслужувате повеќе. За тоа мора заедно да се избориме. За подобри услови за работа, повисоки плати, за почит и достоинство. Ова е таа шанса на промените кои сега започнуваат.

Порака до стопанствениците, поточно бизнисмените…. од вас зависи дали 5 мина од ДУИ ќе ја водат државата и слугите, измеќарите од СДСМ ќе ги добиваат тендерите, или на правилен начин, согласно закон ќе се работи и вистинскиот квалитет ќе биде награден. Таа промена ја правите вие. Или ќе го одобрите рекетот на ДУИ и СДСМ или ќе се приклучите на бранот на промените и ќе не поддржите за конечно да има ред во бизнисот и се награди квалитетот. Крајно време е да станеме пристојна земја со ред, систем и бизниси кои ќе ја развиваат државата.

Сакам да испратам порака и до земјоделците. Оваа влада за вас не направи ништо. Напротив и тоа малку ви го зема. Во земјоделието се создаде олигархија која го уценува и потчинува земјоделецот кој е незаштитен во ниту еден поглед. Доаѓа крајот на тоа. Време е за промени. Приклучете се и поддржете домаќинска политика од која ќе бидете задоволни, почитувани и среќни.

Порака до докторите. Здравствениот систем не е во распаѓање, тој е целосно распаднат. Вашиот труд и углед е нарушен од тие кои наместо белиот мантил ја одбраа корупцијата и криминалот и поминуваат неказнето поради врските од власта. И тие не се мнозинство, туку штетата а прават десетина луѓе кои ги узурпираат позициите. Трудот на лекарите е омаловажен и потчинет. Затоа е потребно да се приклучите на промените, за да се направи ред во здравството, да се почитува знаењето и трудот и да се вреднува вашиот придонес во ова наше заедничко оштество.

Македонија е ваша и во вас е силата да си ја земете назад.

Почитувани, порака до албанската опозиција – Сакаме да коалицираме со вас, но и да се почитуваме како пријатели и сограѓани, и македонците и албанците и сите останати ги имаат истите проблеми и предизвици, и вашите синови и ќерки се иселуваат како и нашите. Да работиме заедно за држава со систем во која сите еднакво ќе имаат привилегии, но и одговорност.

Порака до ДУИ, и опозиција е добра за развојот на една партија и за себе оценка на сопствените грешки. Ослободете се од криминалот, ослободете ја државата од вашите корумпирани функционери и ќе го цениме тоа како ваш влог во соживотот и во системот на државата.

Порака до идните функционери од ВМРО-ДПМНЕ и до партиите од нашата коалиција, благодарам што верувате во нас. Никогаш, ама баш никогаш немојте да го разочарате народот. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана. Не планирам да толерирам или премолчувам било каков криминал и злоупотреба. Имаме многу заедничка работа, барам од вас пожртвуваност, посветеност, професионалност, верност кон народот и верност кон Македонија.

Порака, браќа и сестри, до моето семејство. . .

Благодарам што ме разбирате, што сте покрај мене во целиот изминат период, ве САКАМ и ви ветувам, никогаш нема да дозволам да се срамиме од тоа што го работам, ќе направам максимум да бидете горди, да бидете горди на моите успеси, на нашите успеси, тие се и ваши успеси, затоа што без вас јас сум ништо, едно големо ништо.

Порака до Македонија.

Негде ќе те премолчат негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријаат, само ти си бесмртна жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш.

Векови пеколни заедно ќе минеме, древна земјо македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене јас без тебе.

Може да те одречат други да те предадат, можат сешто да измислат, само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти, Македонијо, извираш.

Драги пријатели, ова не се обични времиња. Ова не се обични избори. И ова може да е и нашата последна шанса да ја вратиме Македонија која ја сакаме.

Ние сме сите исти, граѓани на оваа земја, и заедно ќе го почнеме следното ново поглавје на приказната за Македонија.

Со зборови кои ќе одекнуваат од еден до друг крај на државата, кои ќе се пренесуваат храбро и гордо, зборови кои ќе покажат дека ја сакаме оваа држава и дека заедно ќе ја направиме повторно да биде ваша.

Можеме. Можеме. Можеме тоа да го направиме.

Во историјата доаѓаат моменти како овој, кога мора да застанеме гордо и да одлучиме.

Нашиот момент е сега!

Ова е нашето време. Ова е нашето време. Да се обединиме во заедничка цел.

Да го направиме овој мандат, а и да ја направиме оваа деценија од нашата историја нешто кое ќе се памети со генерации. Ајде да ја промениме реалноста, да го промениме секојдневието, да го промениме светот во кој живееме на подобро.

Да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, да бидеме пример на сите идни генерации.

Државата е твоја и време е да си ја вратиш во свои раце!

Македонија повторно твоја!

Промените во твои раце!

Да сте здрави и живи. Бог да ја благослови Македонија!

Да живее Македонија!!!!