26/04/2024
Охрид

Мицкоски: Оваа борба која ја имаме денес како политичка партија е за Македонија и за нејзината иднина

Интегрален текст од обраќање на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Името ни е вековно и ќе остане такво и во иднина

Добар ден Охрид, добар ден горда и непокорна Македонијо

Ја користам оваа прилика овде пред вас во Охрид да им се заблагодарам на сите охриѓани,но и д ве замолам вас присутните овде да им дадеме еден громогласен аплауз на Љубен, на Сашо, на Боби, и на Крсто, современите војводи, комити, гемидџии кои што секојдневно се малтретирани и измачувани од страна на владата на СДСМ и Зоран Заев.

Браќа и сестри, сограѓани, соседи, колеги, роднини и сопартијци

Еден мудар човек рекол “И ПОКРАЈ СИТЕ СТРАДАЊА ШТО ГИ ГЛЕДАМЕ И ШТО НЕ СТЕГААТ ОКОЛУ ВРАТОТ, ИМАМЕ НЕЗАПИРЛИВ ИНСТИНКТ КОЈ НÉ ДРЖИ ЦВРСТО И ГОРДО ИСПРАВЕНИ И НИКОГАШ НЕ ТРЕБА ДА ГО ЗАБОРАВИМЕ  ТОА. Ќе останеме исправени и нема да дозволиме ништо да не подведе, ниту оваа зло кое што не снајде наречено СДСМ и Зоран Заев.

Почитувани присутни,

Да не заборавиме, ние сме ВМРО, а ВМРО е кауза,непокор и пред се емоција, но најважното чувар, чувар на МАКЕДОНИЈА, нејзин сопатник низ времето, било и ќе биде затоа уште еднаш да аплаудираме за Македонија и за ВМРО.

Овие месеци се пишува историја, а јас Христијан Мицкоски заедно со огромното мнозинство од народот, со разум, мудрост, но и со срце  не сум на страната на оние кои работат на обезличување на сопствената држава, на сопствениот народ, затоа што јас не би можел да се погледнам во огледалото ако прифатам нешто во што не верувам, нешто што не го чуствувам и спознавам за исправно. Ја сакам Македонија онаква каква што, е каква што ја наследивме од нашите предци и сакам да им ја оставиме на нашите потомци онаква каква што ја заслужуваат, исправена, горда и подобра од таа што ние ја наследивме. Тоа е нашето мото  и тоа е нашиот мотив.

Македонската историја секогаш изобилувала со искушенија и предизвици, но и со луѓе кои се спротивставиле на тие предизвици.  Можел и Гоце да остане учител, исто така и Груев во неговото родно Смилево, Карев можел да го продолжи занаетот на својот татко, исто како и Узунов кој  можел да има мирен живот, но тие одлучиле да бидат достоинствени  и да се спротивстават.  Затоа што срцето им велело дека на неправдите треба да се одговори, и борбата за човечки правдина е нешто што природно ни припаѓа и што треба природно да се издвојува.  Денес повеќе од сто години потоа ги паметиме и славиме не затоа што се откажале, можеби не затоа што  победиле, туку затоа што се бореле, а нивната идеја ја превземале генерациите и генерации потоа и денес ја живееме слободата во чие издвојување нивните имиња најгласно се слушаат, исто како и стотиците други кои се вградиле во темелите на самостојна, независна и суверена Република Македонија.

Почитувани присутни,

ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија, таа му припаѓа на народот кој во историјата иако бил напуштан од оние кои не верувале, оние кои за ситна корист вртеле страна, но народот и ВМРО секогаш останувале со своите најверни сопатници низ сите бури и невремиња. Така ќе биде и сега, така ќе биде и во иднина.

Оваа борба, почитувани сограѓани која ја имаме денес како политичка партија е за Македонија и за нејзината иднина, за работникот кој работи по 12 часа за плата која е потпросечна, и кому му е тешко затоа што гледа дека со оваа власт не оди кон подобро, ама ја стиска тупаницата, ја стега велицата и вели Македонија е се што имаме. За младиот, а денеска гледам многу млади овде кој секој ден се крши во себе да замине од државата по подобро утре, ама си дава шанса велејќи така лесно не се напушта родното огрниште, Македонија е мојот дом.  За старите родители кои се загрижени за своите деца, и кои не може да имаат мирна старост затоа што целиот живот го поминале во исчекување за подобро утре кое никако да дојде и си велат го потрошивме целиот живот свој и дадовме цела своја надеж зарем за некоја друга држава, зарем за некое друго име на онаа држава која што ја наследивме од нашите предци, кога Македонија е во нашето срце и никаде поинаку. За невработените кои знаат дека она што сега се случува е уште една кампања, каде се розевите слики се распрснуваат како меур од сапуница по нејзиното завршување и чувствуваат, чувствуваат дека нема да дозволат да бидат уште еднаш излажани, зошто знаат кога ја нема Македонија нема ништо, и тогаш остануваат без се и без сопственото јас.

И еве сега одговарам на сите оние експерти, стојам овде пред Вас, аналитичари и политичари кои пишуваат секакви навредливи измислици за мене, за ВМРО, за ВМРО-ДПМНЕ, за сите вас ја користам оваа прилика да ви одговорам вам секогаш кога ќе напишете за мене некоја измислица и така меѓу редови ќе напишете да попуштам, да наведнам глава  еве ќе ви одговорам секогаш сум се повеќе мотивиран и ви велам за мене нема цена што тоа јас ќе го направам. Ниту ќе ме направи побогат, ниту ќе ме направи поуспешен. Не сум јас ниту овој на ниту оној. Јас сум Македонец и се борам само за она кое што ме прави во животот горд, среќен и достоинствен за мојата Македонија. Јас ве разбирам морате тоа да го пишувате, жолтици во вашите џебови ќр ви натежнат и на вашата душа еден ден. Но, оставете не нас достоинствено да си ја водиме нашата битка, за нашата Македонија.

Поминаа речиси без некој месец 1 година откако без избран за претседател на  ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги поздравам сите оние кои наметнуваа апокалиптични сценарија за партијата, за она што ќе се случувало внатре и како јас онака срамежливо некаде  сум се договарал со Зоран Заев, и како ќе сме ја наведнеле главата,  ќе сум го поддржеле договорот со Грција, ќе сум застанел рамо до рамо со него. И сите тие кои тогаш  ова го збореа , прогнозираа апокалиптични  сценарија сега ги гледам како така наеднаш хорски сите мене ме напаѓаат, зошто па сега не сум го поддржел договорот, а јас и во јуни, а еве и сега овде пред вас ќе го кажам истото договор е штетен и треба да се отфрли,. Овој договор е против македонските национални интереси и против  македонската држава, бидејќи е диво месо вметнато во здрав организам, кое не гуши и допрва ќе не влече надоле ако не се спротивставиме. Тоа е вистината и во јули , таа е вистината и сега на крајот од септември.

Пораснавме, живееме и старееме со лажните ветувања за подобро утре кое еве никако веќе  27 години да дојдат. Се сеќавам 90-тите години јас бев млад средношколец и ни велеа потребно е да ја прифатите референцата ФИРОМ која ќе траела само неколку месеци и на Македонија ќе и тргне. Ја прифатија ФИРОМ, го сменија знамето, го сменија  Уставот и што се случи нашите родители со наведнати глави доаѓаа дома и ни велеа дека останаа без работа, транзицијата однесе многу херои на современата денешница во Република Македонија. Пеколна транзиција, општа сиромаштија , тешки времиња, следеа и покрај тоа што ни беше ветувана подобра иднина, само да го прифатиме ФИРОМ, да го смениме Уставот и да си го смениме знамето. Истите тие што тогаш тоа ни го ветуваа, се и денеска во Владата на Република Македонија, транзиционите политичари.   

Во 2001 година ни велеа прифатете го рамковниот договор и ќе бидете членка на НАТО, го прифативме, спроведовме, 17 години потоа истата приказна, потребно е само уште оваа кнедла да ја голтнете и готово од утре сите ваши проблеми ќе бидат решени, поубаво ќе се живее. 

Во 2004та година пак ни велеа прифатете ја територијалната организација и Македонија ќе оди напред кон европските вредности. Се донесе законот и еве  14 години потоа ние се уште наоѓаме во чекалницата, ниту милиметар повеќе напред, туку само неколку метри назад се наоѓаме од таа позиција тогаш . прифативме се што бараа од нас и во 90-тите, и во 2001 и во 2004-тата. Ајде да го промениме пристапот и да се одважиме од ова денеска што ни се нуди, да не го прифаќаме. Затоа што е против нашите интереси, против она што нас ни го оставија нашите предци.  Затоа што ова е договор за промена на нашиот идентитет, на нашето секојдневие, на нас самите. Референдум кој нема да дојде туку така Европската иднина која ни ја претставуваат да ја гледаме преку розеви очила.  .

Македонија со овие луѓе на власт, почитувани мои сограѓани и сопартијци многу лесно и понатаму ќе остане во чекалницата и никогаш нема да биде дел од за Европската Унија, затоа што вредностите европски за овие луѓе се име именка и атрибут кој што не го познаваат. Ќе останеме приказна без крај, затоа што немаат визија и не знаат како. Тоа  е суштинскиот проблем. Не е проблемот референдумот, не е проблемот ниту овој капитулантски договор кој што го менува нашиот идентитет и нашето секојдневие.

Проблемот  си ти господине Зоран Заев,ти. Ги видовме твоите вредности, ги видовме твоите невредности и непринципи. Тие се викаат едноставно евро за Вицето, евро за црквата. Тоа ли се тие европски вредности кои што сакаш да ни ги дадеш? Одбивам да ги гледам тие вредности!

Велеше во Валандово живи луѓе ќе си јадел, тоа ли е европската вредност господине Зоран Заев, живи луѓе ли да јадете? За таа ли европска вредност ги лажеш луѓето низ полупразните и празните плоштади ширум Република Македонија.

 Погледни што е народ господине Зоран Заев, види народ што е.

Ќе рече Македонија била кајче среде езеро и требале да сме извеслале со палките, како што Заев ги именува веслата, до површината, на брегот. Па продолжува ако сме го земале само едното весло ќе сме вртеле во круг. Но, господине Зоране нели гледаш дека не е до веслата или палките како што ти ги нарекуваш. До тебе е. Токму ти со секој изминат месец во Владата на Република Македонија правиш се поголема дупка на кајчето и водата влегува. Ги вадиш даските, ги кршиш клиновите, правиш се поголеми отвори, со тебе кајчето е се повеќе полно со вода и тонеме како држава се повеќе и повеќе. Македонија, господине Заев со секој изминат ден со тебе како премиер во Владата на Република Македонија ја има се помалку и помалку.

На следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе му ставиме крај на ова секојдневие кое што денеска и се случува на Македонија. Ти си проблемот. Не е проблемот ниту палката, ниту кајчето.

За  тоа дека е штетен договорот нема јас да зборувам сите веќе знаеме ќе цитирам неколку изјави од пријателите на господинот Зоран  Заев и неговите нови партнери:

Ципрас јуни 2018та година ќе изјави: Не признаваме со договорот македонска националност, нема да ги нарекуваме Македонци, тие се славјани.

Јоргос Катругалос, алтернативен  министер за надворешни работи кај нашиот јужен сосед истиот месец 2018 -та година: во договорот не споменување и признавање на националност, туку споменува ме признавање на државјанство.

Тоа е одговорот на сите овие лаги кои што наводно ги заштитиле.

Марија Спираки, пратеничката  од соседна Грција во Европскиот парламент од овој месец изјави -Не го прифаќаме постоењето на македонскиот народ, не ги исполнувате критериумите за членство во Европската унија.

Јули 2018ата година Коцијас вели:  вашата армија нема никогаш повеќе да биде  македонска.

И да не продолжувам може да ги редам уште многу. Вака ли ги заштитивте господине Зоран Заев македонските национални интереси? На овој ли начин му продавате магла на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија ширум оние полупразни или најчесто  празни плоштади?

Нема да Ви дозволиме ова да ви помине. Нема да Ви дозволиме ова да ви помине!

Почитувани присутни, па што се овие изјави ако не директен, непремослив доказ дека со договорот се губи нашиот  идентитетот и воедно се дава кочница во рацете на Грција да го блокира европскиот пат на Македонија кога сака и како сака, и доколку  ова помине, години потоа ќе дојде момент кога Грција повторно ќе постави некакви услови, а ние ќе бидеме тогаш со сменето име,идентитет , историја и образование.

Ако со референдумот се даде зелено светло на договорот со Грција, практично се вклучува црвено светло за референдумот од 8 септември 1991 година. Иако сакаат од власта да направат поистоветување тие се сосема два различни, спротивни еден од друг референдуми. Ако оној 1991 година беше за самостојна независна и суверена Република Македонија, овој сега е токму за спротивното, за промена на името, идентитетот  и губење на Македонија таква каква што ја изгласавме повеќето овде, бидејќи јас тогаш бев малолетен во  91ва година.

И нека не гаат излуции од власта што значел успешен или помалку успешен референдум и да отвораат дебата без аргументи. Законот е јасен над 900 илјади гласачи кои треба да излезат и најмалку половината да гласаат потврдно за овој договор. Тоа по закон претставува успешен референдум. Ништо друго ниту повеќе ниту помалку. И доколку излезат помалку тоа ќе значи дека овој договор не поминал, затоа што не го вели тоа Мицкоски, тоа го вели законот, а државата мора да почива на ред , поредок и закони.

Почитувани присутни,

Ја користам оваа прилика да пренесам и д а ве охрабрам бидејќи во последно време слушам и одредени сведоштва за притисоци, закани и уцени кои доаѓаат од структури на власта по секоја цена да се излезе и поддржи договорот. Како и информации за се почести средби на лица од власта со структури од криминалното подземје. Тоа ја покажува сета немоќ на власта и сета штетност на договорот кој сакаат на сила да го истуркаат.  Така само создаваат уште поголем револт кај народот и пркост. Затоа што не смее да остане запишано дека како народ со сила сме го смениле името, сме се себепрекрстиле и сме ги  прекрстиле нашите деца. Тоа нема да им успее, а власта треба да си ги прибере тие свои заканувачи бидејќи може не сега, но ви кажувам и ве уверувам, слушнете ме внимателно, ќе дојде ден кога ќе се испорача цехот, и ќе биде побарана одговорност за сите вие јавачи на апокалипсата пред словото на законот.

Оваа атмосфера што се создава почитувани присутни е само продолжение на она што го прави првиот човек на владата. Погледнете до каде дојде работа, прво среде Крива Паланка поттикнуваше на поткуп, демек бизнисмените да дале плата плус за да граѓаните да излезат на гласање за да си го променат сопствениот идентитет. Потоа го гледам на сред прес конференција ветува, се сили човекот, истиот оној кој пред изборите се колнеше дека платата ќе била 500 евра, дека сега ќе ја покачел социјалната помош за некои  2, 3, 5, 6 илјади денари. Нели тоа е потценување на сопствениот народ, зарем мисли дека овој народ е подготвен  за 2 илјади денари да си го продаде она што го наследил од предците? Се лажите господине Зоран Заев и вие господа околу него.

Нема да се откаже овој народ. Овој е горд македонски народ од неговата наследена и понатаму продолжена Македонија. До сите оние кои и што најмалку имаат сомнеж дека ја кажува господинот Заев и луѓето околу него вистината за поголема социјална помош, ќе ги замолам не верувајте на данајски подароци  нема алал од тоа.

Почитувани, присутни би сакал неколку пасуси за тоа како ја гледаме Македонија.

Нашата визија за Македонија е земја на интегрирано општество, со силна пазарна економија. Потребен е рапиден развој сега, не утре, не задутре или по една година. Потребни се веднаш големи чекори напред за да се надокнади, надополни пропуштеното. Ни треба економија која ќе создава додадени вредности и која ќе вработува и овозможува иднина, за невработените, за стечајците, за младите.

Треба да се отфрли она изветоперување на семејните вредности кои сега ни го продаваат како нешто напредно. Семејството, семејството  останува столбот, и основната клетка на општеството. Образованието мора да е подобро. Слободата е најскапа тогаш кога ја нема, а слобода ли е овој башубозук и криминал кој како канцер го јадат општеството парче по парче. Потребна е нова слика за политиката во Македонија. Мора да се промениме самите, за да ја промениме реалноста во Македонија.  Партиите не смеат да владеат со Македонија, со Македонија мора да владее Уставот, законите, вредностите и принципи. И никој не треба да биде над тоа. Одговорност мора да има порано или подоцна.

-Ние сме за намалување на даноците, за помали даноци. Фирмите да плаќаат за половина од данокот што треба да го плаќаат, а другата половина да ја вложат за ново отворени работни места.  

– Ние сме за укинување на  зголемената акциза за нафтата,

-Ние сме за нов лик на здравството преку масовен пакет на реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, да остане овде, да  можат граѓаните на нашата Република Македонија да добијат квалитетно здравство, а не замислено и лажно бесплатно здравство какво што им нуди Зоран Заев.

– да останат нашите најдобри 500 студенти во Република Македонија, за да може државата да им ја загарантира платата и нивното работно место, овде во нивната татковина.

-да ги зголемиме до 50 отсто платите на просветните работници во  образовниот, во градинките,

-да ги зголемиме пензиите на највозрасните, на најискусните до  40 отсто. Тоа е она и уште многу, многу други проекти кои што ќе значат одговор и  решенија за реалните проблеми на нашите сограѓани.

Не продаваме ние ветер и магла. Тоа е оној патриотизам во нашата Македонија.

Драги пријатели,

Нам ни е потребно единство повеќе од кога и да е. Потребно е обединување на граѓаните затоа што делиме исти страдања, исти маки и проблеми. Македонија нема да стане подобра со овие луѓе во владата. Ова што денеска го живееме е планот А на Зоран Заев, тоа е неговиот план. Не на народот, не на ВМРО-ДПМНЕ. И не е само овој договор, нема ден да не помине со нов скандал. Забораваат на ветувањата кои ги даваа пред изборите, ама не забораваат матните бизниси да им врват. И во својата суштина гласањето ЗА овој договор значи давање на легитимитет на Зоран Заев да го зголеми интензитетот на давање тендери по роднинска линија на своето семејство. Гласањето ЗА овој договор значи и ветар во грб да продолжат да ги покачуваат даноците, да земаат од парите на народот, гласањето ЗА значи и легитимитет да продолжат криминалните иновации, да има повеќе тендери во фирмите на Анѓушев кој и понатаму ќе удира по новинари со фломастер, гласањето ЗА значи и давање на легитимитет на уништената економија, но и легитимитет на скапите стипендии на одбраните луѓе од власта, за нови тендери во здравството кои ќе продолжат од ќерката директор на таткото бизнисмен, на нови матни тендери за книги и бизниси во коалицијата на власт. Затоа внимавајте важна е оваа одлука која ќе ја донесете.

Би сакал да упатам уште една порака. Се изнаслушав се овие денови и јасно и гласно ќе го повторам следното.  ВМРО ДПМНЕ нема план за бојкот или апстиненција, ниту тајни комитети како што некој сака да каже, ниту било што друго се со цел да се мистифицира и заплаши народот, излегувме  чисто и го кажуваме нашиот став, оставаме народот да одлучи како ќе постапи, бидејќи сите аргументи се на маса, со сите лоши страни и штетни членови во договорот. Народот е пред голема одлука.

Почитувани присутни,

Денес се наоѓаме во градот на Прличев, Шапкарев, Узунов, Патчев,  градот каде најгласно се кажуваат молитвите на Наум и Климент, градот на Самоил и плејада дејци, големи личности кои оставиле неизбришлива трага низ времето. Големи македонци кои се дел од нашиот идентитет, умови кои се нашето суверено богатство, кои освен големи дела оставиле и аманет за нас.

Ќе ги споменам дел од  нивните творештва.

Коста Абраш ќе напише:

Црвена е крвта што врие и тече,

црвена е молњата облаци што сече,

црвено е небото в зори што се смее,

црвено е знамето гордо што се вее;

Вонвременскиот Прличев пак ќе напише:

…лицем светци, срцем в,лци

Ќе ве дават ќе ве стрижат, ќе млзат до крв.

Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,

Да се мрази син со татка и брата со брат.

Нема тоа да им го дозволиме. Биле во право.

Почитувани присутни,

На 30-ти во недела, на денот на референдумот станете и размислете, и ве молам секој еден од вас, Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак, Влав, Египјанец, размислете дали живеете подобро со овие луѓе на власт и дали овој договор ќе ја донесе иднината каква ја посакувате.

Ние Македонците друга татковина немаме, ја имаме само оваа Република Македонија. Слушајте го вашето срце, и расудете со разум и мудрост и јас знам, сигурен сум дека ќе донесете правилна одлука.

Македонија е нашето се,

Како нашиот сон, нашата идеја, нашата борба и огромна љубов.

Кренете главата гордо високо, високо кренете глава горди Македонци, граѓани на Македонија, и сите ние, и сите ние да застанеме под знамето кое гордо ќе се вее, низ сите невремиња, победи и порази.

И нека слушнат сите на кои тоа не им е јасно, Македонија е европска земја, Македонија мора да оди напред. Македонија е нашето се. И затоа Македонија ќе победи!

Да сте живи и здрави вие, да е жива и здрава Македонија!

Да е живо и здраво ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија!

Победуваме!